| четврток, 6 декември 2018 |

Германија – Шпанија 8-1, и „кралот“ Реал падна во Дортмунд

Германија – Шпанија 8-1 во првите полуфинални дуели од фудбалската Лига на шампионите. По Барселона во Минхен, вечерва падна и „кралот“ Реал Мадрид и тоа уверливо, а ги прегази Борусија во Дортмунд со 4-1. Левандовски беше брилијантен и со 4 гола го покори најтрофејниот европски клуб. Ова е дебакл за шпанските големци, бидејќи и Барселона вчера, загуби во Минхен од Баерн со 0-4.

„Милионерите“ од Дортмунд одиграа како по ноти и сосема заслужено славеа голема победа, пред фанатичните домашни навивачи на „Сигнал Идуна“ парк во Дортмунд.

Уште во 8.минута од натпреварот, по асистенцијата на Марио Геце, Роберт Левандовски го најави своето блескаво издание, со гол за 1-0. Домаќините доминираа, но по грешката на Хумелс, Кристијано Роналдо израмни на 1-1, во 43.минута.

И, кога се чинеше дека тој кикс погодок ќе ги сруши момците на Јирген Клоп, тие покажаа огромен карактер и го декласираа Реал. Преку Левандовски, уште во 50.минута си го вратија водството, а по само пет минути повторно преку Левандовски зголемија на 3-1.

Borussia Dortmund vs Real Madrid

Прекрасната претстава ја заокружи кој друг ако не Роберт Левандовски, со покер во 66.минута, погодувајќи од белата  точка, откако Марио Ројс беше срушен во шеснаесетникот од Чаби Алонсо.

Борусија Дортмунд  со огромна предност ќе патува на реваншот, на 30. април во Мадрид. Се чини дека многу извесно е германско финале на 25. мај на Вембли во Лондон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top