
Ненад Мирчевски
Може да се прифати намерата на претседателот со актот за општо помилување да стави „крај на политичкото лудило“, но тешко е да се поверува дека преку ноќ учесниците во кризата ќе седнат и ќе си подадат рака во интерес на државата. Колку и да е искрена желбата на Иванов да даде свој придонес во решавање на кризата, неговиот потег има многу отворени прашања поради кои, засега, само најголемите оптимисти веруваат дека потегот може сериозно да придонесе за некакво национално помирување.
Тоа што особено иритира во ситуацијата и ги оправдува песимистите во сомневањата дека работите ќе се сменат на подобро е хипокризијата на опозицијата, на нејзините медиумски платеници и на инволвираните претставници на меѓународната заедница. Истите тие што глумат шокираност од одлуката за општа амнестија, пред точно една година не само што го најавија ваквиот расплет на кризата, туку и точно наведоа кој стои зад иницијативата. За потсетување, во мојата колумна од 17 април 2015 година, под наслов „Заев бара спас во булдожер-дипломатија?“ цитирам дел од текст објавен од Соросовите медиуми, кои повикувајќи се на „тврдења на анонимни дипломати“, велат дека „ американски дипломати ќе испорачале пакет подготвен од Вашингтон, кој содржел барање за оставки на компромитираните државни функционери, формирање преодна влада со широка политичка основа, затворање на отворените кривични случаи со општа амнестија и прекин на кампањата на објавување аудиоснимки од илегалните прислушувања“. Оваа непотврдена информација беше лиферувана преку опозициските медиуми непосредно пред да се вмеша меѓународниот фактор во кризата. Тогаш, ваквите тези, (на разочарување на Заев кој очекуваше лесно да се извлече од одговорност) беа отфрлени од целата јавност, по што ситуацијата кулминираше со настаните во Куманово дваесетина дена подоцна.
И тогаш и сега, категорично се противев на првите три точки од наводниот пакет кој, за жал, денес се потврди како реалност. За четвртата точка сметав дека би била само козметика која би требало да значи некаков баланс без конкретен ефект.
Ако тогашната информација објавена од медиумите на Сорос беше и е невистинита, тогаш станува збор за морбидна случајност на нештата, особено поради фактот дека од амнестијата најмногу корист имаат Зоран Заев, Зоран Верушевски и чадорот. Заев и Верушевски беа „печени“ за во затвор со еден куп докази, а чадорот успеа незабележано да си го избрише потписот од обидот за насилно менување на власта. Во исто време обвинуваат дека одлуката на Иванов е исклучиво со цел да се заштитат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, но никој од нив не дава логичен одговор на следните прашања: Каков е овој „режим“ со целосно „партизирано судство“ кој не може да си обезбеди судски пресуди во своја корист? Па нели судиите и така беспоговорно пресудуваат во корист на власта? Од друга страна, ако Груевски сакал да се спаси себеси и сопартијците од одговорност, зошто воопшто би играл на карта „општа амнестија“ во која се опфаќаат и Заев и Верушевски? Зошто воопшто му дозволуваат две години да си поигрува со државата и со институциите?

Од друга страна, колку и да сакаме да ја прифатиме како „историска“ одлуката на Иванов, која е донесена со цел да стави крај на кризата, а не како „наметната однадвор“, само по себе се наметнуваат неколку дилеми:
- Иванов е во право кога вели дека кризата од ден-на ден се продлабочува и дека распишувањето на изборите не е гаранција дека таа наскоро ќе се реши, но кој вели дека со општата амнестија ситуацијата ќе се смени и дека Заев ќе излезе на избори? Уште повеќе, ако опозицијата ја промени одлуката за избори, само ќе потврди дека амнестирањето на лидерот и на неговите соработници во случајот „Пуч“ бил главниот услов да се појави на избори. Кој гарантира дека Заев и останатите аболирани криминалци заедно со чадорот нема да продолжат да ја саботираат државата?
- Во право е претседателот кога вели дека оваа криза е за туѓи интереси, но со неговата одлука тој спречи докрај да се разобличи чадорот и му го одзеде правото на народот јасно и гласно да чуе кои центри на моќ стојат зад целата криза.
- Зошто Иванов им го одзеде правото на осомничените функционери на ВМРО-ДПМНЕ да ја докажат својата невиност пред судот?
- Зошто го спречи спроведувањето на правдата за Зоран Заев, Зоран Верушевски и на сите криминално-мафијашки структури кои беа активирани во разнебитувањето на државата? Со овој потег претседателот остави можност во иднина секој граѓанин во државата да се повика на правото што сега го искористи Заев и би си дозволил да соработува со странски служби за насилно уривање на власта, нелегално да прислушува и јавно да презентира противзаконски добиени снимки.
- Го сметам за оправдан стравот на Иванов дека „Македонија може да почне да наликува на онаа географска Македонија во 20-тите години на минатиот век, кога антагонизмот меѓу Македонците отиде до такви размери што се претвори во меѓусебно истребување преку физички ликвидации“. Но, дали навистина верува дека општата амнестија ќе придонесе за намалување на омразата? Или, пак, ќе дејствува како дополнителен импулс за оние што работат на разнебитување на државата?
И Иванов и чадорите и сите засегнати и вмешани во кризата мора да знаат дека политичарите може да ги амнестираат на хартија, но не може да се наметне колективна амнезија врз народот. Желбата на граѓаните за заштита на државата и за казнување на сите креатори и учесници во кризата нема да може да се скроти со ниту еден акт.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


