| четврток, 6 декември 2018 |

Бејли конечно призна – Одлучува народот, а не чадорот

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Уште од самиот почеток на кризата, лидерот на опозицијата и неговите најблиски соработници, меѓу кои има криминалци, медиумски платеници и амбасадори со неуспешни кариери, се обидуваат со сите расположливи ресурси насилно да ја сменат легално избраната власт и да инсталираат послушничка влада која беспоговорно ќе ги исполнува желбите на центрите на моќ. Во реализацијата на сценариото сите заедно, со максимални напори се обидуваат да избегнат два момента – целосно да се расчисти случајот со прислушуваните разговори со што би се утврдил нарачателот на материјалите и соочување на опозицијата со народот, односно, бегство од избори.

За исполнување на првата цел се измисли Специјалното јавно обвинителство, кое треба да ја пренасочи истрагата во друга насока и да ги спаси Верушевски и Заев од кривична одговорност. За одржување на втората цел сѐ досега се грижеа „пријателите однадвор“, кои ѝ даваа силна поддршка на опозицијата во обидите за одложување на изборите до недоглед.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во интервјуто за Канал 5 пред неколку дена отворено кажа дека одржувањето на изборите зависело од волјата на народот. Тоа го знаеме сите, и постојано го нагласуваме , но, интересно е што беше нагласено токму од Бејли. Дали зад неговите зборови има некоја скриена порака или задна намера? Не знам. Но, јасно е дека со изјавата се признаваат две работи – прво, дека во оваа (како и во секоја друга) демократска држава, за уривање на која било власт е потребен народ и второ, дека дипломатите ја погазија народната волја и го киднапираа суверенитетот на државата со одложувањето на изборите првично закажани за 24 април. (За потсетување, анкетите спроведени во периодот пред да биде одложено распуштањето на собранието покажуваа дека 73,7 проценти од граѓаните не сакаат одложување на изборите!)

Што го промени ставот на Бејли? Со бомбите и со помошта од дипломатите, Заев не само што не привлече симпатии кај граѓаните, туку напротив, енормно ја зголеми недовербата во опозицијата и во меѓународниот фактор. Во наредниот месец и пол, пак, по одложувањето, СДСМ дополнително ја намали популарноста кај граѓаните. По којзнае кој пат се потврди тврдењето дека за оваа гарнитура опозициски политичари не постои „формула“ со која ќе ја повратат наклонетоста на граѓаните.

Стратегијата да се одлагаат избори сѐ додека не се подобри рејтингот на опозицијата не само што не вроди со плод, туку и предизвика дополнителен гнев кај граѓаните кои се повеќе од свесни и за причините и за последиците од вештачката криза. На крај и чадорот увиде дека планот не проаѓа, а трпението на народот е потрошено. Тоа, впрочем. го потврдуваат и последните анкети кои покажуваат слободен пад на рејтингот на СДСМ.

Уште пред речиси една година нагласив дека „пријателите однадвор“ на Заев во пеколното сценарио направиле голема грешка кога ја потцениле уникатноста на Македонецот во обидот да го скршат со силен притисок. Наместо да го свиткаат, успеаја само да го мултиплицираат гневот за да даде уште поголем отпор. Од тие причини, странците се свесни дека секој следен обид за изигрување на народната волја ќе значи народ на улица и продлабочување на кризата. Исто така, знаат дека тогаш народот нема да му прости никому и дека казната ќе ги стигне сите до еден. Стравот од експлозија на ситуацијата ги натера дипломатите да го отворат патот до избори, што не значи дека до 5 јуни, па и потоа, нема да се обидат го минираат.

Што и да се случува до јуни, едно е јасно, избори мора да има, а СДСМ ќе претрпи катастрофален пораз каков што никогаш досега не доживеал. Уште повеќе, со вакво раководство и со ваква стратегија СДСМ нема да победи на избори ниту во наредните десет години, па дури и да им остават сами да си го состават избирачкиот список. Причината зошто сум убеден во тоа е едноставна за тие што сакаат да сфатат: власта ја дава народот, а не амбасадорите.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top