Александрија ќе се вика новата еконаселба во општина Ѓорче Петров, која ќе биде изградена на површина од 150.000 кадратни метри спроти Порта Влае и новиот кружен тек. Градежните работи ќе ги изведува Фабрика Карпош.
Сакаме да им се заблагодариме на сите кои активно се вклучија во изборот на име на населбата и да ги известиме дека Фабрика Карпош го избра името Александрија, кое се појави повеќе од 30 пати како идеја од различни граѓани. Со цел да направиме фер избор за кум на населбата и добитник на наградата, во наредниот период ќе организираме јавно извлекување за кое дополнително ќе ги известиме учесниците, изјави Александар Стефанов, член на Управниот одбор на Фабрика Карпош и проект менаџер на еко населбата.
Среќниот добитник ќе биде прогласен за кум на новата еконаселба и ќе добие на подарок гарсониера во новата населба.
Новата населба е лоцирана на само 5 километри од центарот на Скопје, а ќе биде поврзана сонего со постоечки и новопредвиден булевар и на само 150 метри од кружниот тек кај Порта Влае. Овој простор има постоечка здравствена, трговска и социјална инфраструктура кој со новопредвидената урбанизација на просторот и многу зеленило, оваа еконаселба ќе прерасне во уникатна населба која ќе биде идеален избор за секое семејство.
Исто така, во населбата ќе има и голем број игралишта, трговски центар, деловни објекти, бензински пумпи, градинка и многу други содржини.
Населбата се наоѓа на само 200 метри од реката Лепенец, која претставува главен извор на свеж воздух во Скопје. По нејзиното течение преку Качаничката Клисура, доаѓа главната струјница од ружата на ветрови во градот Скопје, обезбедувајќи му на ова подрачје чист и свеж воздух, дури и кога Скопје е под магла и штетни гасови. Исклучително консолидираното земјено тло обезбедува максимална стабилност на градбите. За нејзината чистота говори и фактот дека во близина на населбата се наоѓаат и главните бунари за водоснабдување на Скопје како дополнение на Рашче. Голем дел од градбите ќе имаат и своја зелена површина на кровните површини како и на дел од терасите и останатите заеднички простории, изјави Стефанов.
Промотивната цена на становите ќе изнесува 790 евра за метар квадратен. Почетокот на изградбата на Александрија е предвиден за мај, а првитестанари се очекуваат во септември 2017 година.
Оваа населба е единствена од ваков тип која нуди врвен квалитет на живеење и современи услови за секое семејство да се чувствува комотно и пријатно во својот нов дом.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.