| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на поетски збирки од Дарко Ангеловски и Ленче Милошевска

Денеска и утре ќе се одржат промоцијии на поетската збирка „Душевен санаториум“ на младиот поет Дарко Ангеловски и збирката „Зборот е светлина“ на поетесата Ленче Милошевска.

На 6 април 2016 година во клуб-ресторанот „MКЦ“ со почеток во 19 часот ќе биде промовирана дебитантската поетска збирка „Душевен санаториум“ на младиот поет Дарко Ангеловски.

Промоцијата ќе биде збогатена со уметничко-сценски перформанс, кој ќе го изведат Алмир Бајрамоски, Тони Арслан, Африм Шакировски, Евгениј Димов – Orange Groove, Атанасис Елинидис – Athan Ellins, Викторија Митеска и авторот на книгата, Дарко Ангеловски.

Во книгата Душевен санаториум Ангеловски зборува за нештата што се неискажливи и непреведливи во зборови и што се скриени зад поимите. За тоа нешто што не е нешто, но не е ни ништо, и за хармонијата на непостоењето и на постоењето, за калемот на телото и душата, кои може да се разберат само емотивно, со чувствување. Оваа книга ве води зад замислата на смислата на мислата, ве води кон едната и единствена вистина – Љубовта.

Дарко Ангеловски е самоук поет, сликар и уметник од Скопје. Иако подеднакво се занимава со сите видови уметничко изразување и творење, најголем интерес има за пишувањето, кое претставува и негова најсилна страна. Тој е и еден од создавачите на Друштвото на мртвите поети – поетско читање и уметнички перформанс.

Следниот ден, на 7 април 2016 година, со почеток во 19 часот, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје ќе биде промовирана поетската збирка „Зборот е светлина“ на поетесата Ленче Милошевска.

Промотор на книгата ќе биде доц. д-р Лидија Давидовска, а модератор на промоцијата – Миле Јовановски-Поречанец. Стихови од збирката ќе чита актерот Мите Грозданов. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.

„Самиот наслов ја симболизира творечката синергија што произлегува од логосот и светлината. Најновата поетска книга на Ленче Милошевска е производ на искуство, поетска зрелост и успешна постапка во одбирот на поетските дилеми, предизвици и тишини. Овие простори – творечки пориви, во реалноста се можеби подруги, но во песните поместени во книгата се мајсторски искомпонирани целини“, се вели во рецензијата на Братислав Ташковски кон книгата Зборот е светлина од Ленче Милошевска, која е авторка на четири книги поезија и на четири романи. Работела како преведувач и како уредник во издавачките куќи „Култура“ и „Македонска книга“ во Скопје. Член е на ДПМ од 1999 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top