| четврток, 6 декември 2018 |

Дела од кумановската ликовна колонија на изложба во Париз

Избрани дела од еминентни ликовни уметници, кои се создавани низ годините во текот на четиридецениското постоење на ликовната колонија Куманово, ќе бидат презентирани на изложба во македонската Амбасада во Париз.

Ретроспективната изложба на делата од кумановската ликовна колонија ќе биде отворена на 7 април (четврток) со почеток во 19 часот во амбасадата на Република Македонија во Париз.

– Избрани се осумнаесет дела од светски реномирани уметници како што се Денис Боувен од Велика Британија, Паоло Чампини од Италија и еминентни уметници од македонската ликовна сцена од познатите Борко Лазески, Ана Темкова, Зоран Јакимовски, Димитар Манев, Веле Ташковски, Рубенс Корубин, Васил Василчев, Нове Франговски, Димитар Малиданов… Се потрудивме да бидат одбрани уметнички дела и се надевам дека убаво ќе се претставиме во Париз – соопшти на денешната прес-конференција, директорката на НУ Музеј Куманово Анита Цветановска.

Додаде дека заедно со општина Куманово и со поддршката на Министерството за култура и годинава ќе продолжиме со организација на ликовната колонија која веќе се подготвува и ќе се одржи во август годинава.

Одржувањето на изложбата во Париз е проект кој е влезен во годишната програма на Министерството за култура за тековната година. Инаку, Ликовната колонија „Куманово“ се одржува од 1974 година, првин во конаците на Прохор Пчињски, по што продолжува во Манастирот во Матејче, додека последниве десетина година се одржува во Меморијалниот центар АСНОМ, од каде што произлегува богата продукција, инспирирана од амбиентот на просторот каде што творат уметниците.

Досега, за 40 години на колонијата учествувале уметници од преку 500 држави од сите континенти кои оставиле повеќе од 1.000 дела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top