| четврток, 6 декември 2018 |

Направија изложба од самите себе: „Ролинг стоунс“ прославија 50 години заедничко тркалање

r3

Се тркалаат заедно цели педесет години, па и нема подобар начин да ја прослават кариерата од ретроспектива на времето поминато заедно. Членовите на „Ролинг стоунс“, Мик Џегер, Кит Ричардс, Рони Вуд и Чарли Ватс и нивниот поранешен соборец Бил Вајман, кој ја подигна рачната во 1993 година, првпат во 50-годишната кариера го претставуваат своето творештво на изложбата „Егзибиционизам“, која беше отворена во престижната лондонска галерија „Сачи“ во Челзи.

На неверојатниот спектакл што го организираа присуствуваа и нивните семејства, илјадници обожаватели кампуваа на Кингс роуд за да фатат подобро место и за да ги видат своите идоли.

„Егзибиционизам“, обемна мултимедијална изложба, е машината со која годинава „Ролинг стоунс“ ќе ги направат своите милиони. Повеќе од 550 артефакти, од кои поголемиот дел досега неприкажани, земени од приватни архиви, ќе ѝ бидат достапни на јавноста до 4 септември. Проблем може да биде само влезот, зашто веќе се резервирани повеќето термини.

Експонатите се поставени на два ката во галеријата, на површина од 1.800 квадратни метри, поделени во девет тематски целини кои ги прикажуваат развојните патишта на Стоунси и како го менувале начинот на кој го доживувале рокенролот.

Овој „најголем рокенрол бенд во историјата“, како што го нарекуваат критичарите, на изложбата ќе ги отслика своите 50 години творештво низ разни подрачја поврзани со своето работење, од дизајн, филм, видео, па сѐ до мода, изведби и музика. Освен оригиналните предмети, детален увид во фасцинантната историја на групата ќе овозможи и модерната интерактивна технологија.

Посетителите ќе имаат можност да видат како изгледала гардеробата на членовите на бендот, нивни реквизити одзади сцената, ретки инструменти, оригинали дизајни за сцената, легендарни костими, ретки аудио и видеоснимки, лични дневници, постери и обвивките на албумите.

На изложбата ќе бидат изложени и книги, фотографии, плочи, уметнички дела и многу егзотични артефакти, а посебно место има „гитарската соба“, која на посетителите ќе им овозможи да го доживеат чувството непосредно пред излегување на сцената.

Фокусот, сепак, е на музиката, која ја остави групата, почнувајќи од раните 60 години на минатиот век, кога почна како мал лондонски блуз бенд, па сѐ до трансформацијата во културна икона која инспира милиони луѓе.

Изложбата по Лондон ќе има турнеја во уште десет градови во светот, меѓу кои и Њујорк, Лос Анџелес и Токио.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top