Хрватскиот порталот „Директно“ во својата анализа насловена како „Смена на ВМРО за менување на името на Македонија“ пишува за политичките случувања во Македонија во изминатите години, но и за тоа кој и зошто има корист да го симне ВМРО-ДПМНЕ од власт.
Медиумите во регионот јавуваа за политичката криза во Македонија која со некои прекини трае веќе неколку години, додека во последната година значително се интензивираше со протести, контрапротести, како и препирки околу предвремените избори, но и наводни политички корупции во власта, пишува Директно.
-Меѓутоа, последната година се рушат сите тези на опозицијата, една по една како кула од карти. Имено, ниту еден приговор за нелегитимни избори не се покажа како точен, ниту се докажа, иако опозицијата ги контролира државната изборна комисија како и Министерството за внатрешни работи. Од друга страна пак, од влегувањето на министерот од опозицијата во техничката влада, една по една излегуваат конструкциите и аферите кои од опозицијата ги планирале и пласирале во медиумите преку параразузнавачко подземје.
Откако независните аналитичари ги скршија овие тези, се поставува легитимно и прашањето зошто, и покрај доставените докази за конструкција и манипулации, поединечни амбасади и понатаму ги повторуваат конструкциите на опозицијата кои доаѓаат од спин лабораторијата на СДСМ, се прашуваат независните македонски аналитичари, пишува хрватскиот портал.
Порталот пишува дека одбрана на македонските национални интереси е логичен одговор на ова прашање бидејќи во периодот од 2006-2016 година ВМРО имало низа успешни одбрани на тие интереси, барем според истражувањата на јавното мислење.
-Поголемиот број Македонци не сакаат промена на вековното национално име, како што од нив бараат грчките националисти блокирајќи им го патот во евроатланските интеграции. Иако во тоа имаат поддршка од дел од бугарската политика, кои со либерално делење на пасоши сакаат да го направат тоа што не успеаја за време на Втората Светска војна, Македонците да ги побугарчат. Тивка поддршка имаат и од српската политика блиска до круговите на Српската православна црква која сите Македонци ги смета за српски православци, но и во делот на косовската и албанската политика кои мечтаат за Голема Албанија, но за тоа во некоја друга прилика, пишува порталот.
„Директно“ наведува дека она што е важно е дека најголем дел од естаблишментот на ВМРО има многу тврд став околу промената на националниот идентитет, за што пред неколку години се доби меѓународна потврда од меѓународниот суд во Хаг, кој во тужбата на Македонија против Грција се утврди правото на Македонија на име и идентитет.
-Оваа политика од 2006 година па наваму се зацврсти, што во диломатските кругови очигледно вроди со идејата како со разни манипулации и улични притисоци од власт да се смени ВМРО, и по цена на одличните економски резултати кои Владата ги покажуваше на макроекономски план и покрај микроекономските притисоци и потешкотии. Бидејќи малкумина се оние кои не се сеќаваат на барањето на Заев за виткање на кичмата и промена на името. Да заклучиме, перцепцијата на македонската политика во земјите од регионот е една, додека другата страна до денешен ден не можеше често да се слушне, освен преку перото на потписникот на овие редови, пишува хрватскиот портал Директно.
Најавуваат дека во следните денови ќе објават серија текстови, кои како што велат, ќе имаат за цел да ја расветлат погубната улога на разузнавачките игри на територија на Македонија за сметка на волјата на граѓаните и макроекономскиот напредок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.