Настаните што му претходеа на конфликтот во 2001 година и промената на власта во 2002 година, во повеќе наврати се споредувани со случувањата од минатата и од оваа година, при што секој оној со здрав разум може да заклучи дека некои центри на моќ со години наназад на идентичен начин се обидуваат да ја уништат државата со помош на домашни предавници. Задачата на Верушевски и тогаш и сега беше да ги подготви аферите за прислушување за да се уништи кредибилитетот на државниот врв, радикалните албански структури беа задолжени за задавање удар врз безбедноста на државата и за плашење на народот кому требаше да му стане јасно дека во случај да се спротивстави на тоа што го наложуваат амбасадорите и посредниците ќе следува крвопролевање. Улогата на Ахмети, кој требаше да ја „демократизира“ Македонија, овој пат му е доверена на Заев, а целта на постоењето на Специјалното обвинителство е да помогне во предизборниот маркетинг на опозицијата, како што тогаш тоа го направи Меѓународниот суд во Хаг со случајот „Љубе Бошковски“.
Имено, судбината на ексминистерот за внатрешни работи е најдобар пример преку кој се отсликува дволичноста на опозицијата и нејзината наводна загриженост и за интересите на Македонија и за Македонците и за човековите права на Љубе Бошковски. И тогаш и сега.
За потсетување на оние што заборавиле, во предвечерието на изборите во 2002 година, преку медиумските пера блиски до СДСМ беше објавено дека „веќе била скроена кривичната пријава против Бошковски пред Трибуналот во Хаг под сомнение за извршени воени злосторства во скопското село Љуботен во август 2001 година“. За разлика од сега, тогаш, во одбрана на Љубе Бошковски застанаа десетици илјади граѓани, патриоти и бранители, кои тврдеа дека не само Бошковски, туку дека ниту еден Македонец не извршил воено злосторство и не заслужил да лежи затвор затоа што си ја бранел татковината. Во исто време, пак, членството и раководството на СДСМ се ситеше на најавата за апсење и упатуваше цинични закани од типот: „Нема да го дадеме брат Љубе, зашто сами ќе му судиме“.
Меѓународниот суд во таа изборна 2002 година се искористи за предизборен маркетинг на опозицијата, на ист начин како што денес за тоа се користи СЈО и Катица Јанева. СДСМ тогаш ги доби изборите, а Љубе Бошковски беше екстрадиран во Хаг во март 2005 година. Во притворот во Шевенинген помина повеќе од три години, за на крај Трибуналот да го прогласи за невин! Тогаш, опозицијата не само што не се загрижи за човековите права на Бошковски кој невин лежеше три години во затвори, туку и не го криеше разочарувањето од пресудата. Дури ја прекоруваше владата на Груевски дека потрошила милиони евра за да ја докаже неговата невиност.
Е истиот тој брат Љубе, кој се колнеше во сè што му е свето дека им служи на државата и на македонскиот народ, откако се врати дома почна да им служи на некои туѓи, странски интереси, на штета на државата и на граѓаните кои му ја платија слободата. Реши да „глуми лудило“ и вети дека по избори „ќе го реши името во два дена“.
За глумењето лудило за 130.000 евра од една страна доби затвор, а од друга страна целосно ја загуби поддршката од граѓаните кои се разочараа од неговата подготвеност да се пазари со најсветото за Македонецот – името на државата.
За неговата постапка нема право никому да се лути освен на себе, но, СДСМ и Катица решија повторно да го искористат за предизборен маркетинг. Специјалното обвинителство не можеше да најде никаква замерка во однос на предметот што се водеше и за кој Бошковски беше осуден, па отвори случај кој се однесувал „на начинот на апсењето“. Во овој случај, опозицијата и СЈО „се заинтересираа“ за човековите права на човекот што тргуваше со името на една цела нација.
Во театралното претставување на случајот пред јавноста, обвинителките случајно или не, заборавија да соопштат дека Љубе Бошковски и неговиот адвокат Љубомир Михајловски- Џанго, (поранешен министер за внатрешни работи од СДСМ) при апсењето во 2011 година, своерачно потпишале Записник во кој немале никаква забелешка на полициската постапка од страна на овластените лица. Во исто време, намерно или не, обвинителките од СЈО го премолчија делот од Записникот во кој е наведено дека „осомничениот не постапувал по наредба да се предаде и се обидел да бега. Давал активен отпор при апсењето и ги навредувал полицајците со погрдни зборови“. Исто така, обвинителките не споделија со јавноста дека при претресот на возилото на осомничениот е најдено огнено оружје и палка.
Од сето приложено може лесно да се заклучи дека случајот е повеќе од јасен, но и дека целта на СЈО е повеќе од очигледна. Затоа, во понатамошното спроведување на сценариото и Катица и раководството на опозицијата треба да имаат предвид дека народот за разлика од 2001 година, е далеку помудар и порешителен да се спротивстави на сите антидржавни елементи по секоја цена.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.