| четврток, 6 декември 2018 |

Надал: Ѓоковиќ е премногу доминантен!

Рафа Надал зборува за напредокот на тенисот, за тоа како се чувствува многу подобро на теренот сега отколку пред една година. Зборуваше и за Новак Ѓоковиќ само во суперлативи.

„Во последните две години единствено Новак доминира на терените. Морам да признаам, можеби и повеќе од што треба, но тој тоа го заслужува“, не се штедеше Надал во пофалбите до светскиот рекет бр.1.

Шпанскиот тенисер истакна дека моментално се чувствува многу добро на теренот и дека проблемите со повредата веќе се минато.

„Моментално уживам на терените за разлика од пред една година. Не се нервирам, можам да победам или да загубам, но секако сум среќен додека играм и мислам дека во основа тоа е најважната работа.

Не размислувам за повлекување, среќен сум што го правам тоа што го сакам и навистина уживам во тоа. Сѐ уште имам иста страст за овој спорт, како и сите овие години и ќе настапувам додека сум задоволен од тоа што го работам“, истакна Надал, кој има освоено 67 трофеи до сега во кариерата.

Тој имаше само пофални зборови и за Федерер, велејќи дека турнирите се поквалитетни кога Швајцарецот настапува, а нагласи и дека е добро што ќе го пропушти Мастерсот во Мајами поради стомачни проблеми, што е само моментален проблем, а не поради повредата на коленото која неодамна ја залечи. Рафа го кажа своето мислење и за моменталната ситуација во светот на тенисот.

„Спортот, генерално, напредува од сите аспекти. Играчите денес се повисоки отколку порано, рекетите го удираат топчето посилно, но истовремено правилата во тенисот не се менуваат, висината на мрежата е иста итн. Тоа може да стане потенцијален проблем за овој спорт, бидејќи публиката бара подолготрајна и поинтензивна игра, со повеќе неизвесност на теренот. Публиката сака драма, бавни натпревари со многу неверојатни поени и полно емоции, а ние сме должни да мислиме на иднината и напредокот на тенисот“, додаде Надал.

Рафа е задоволен од организацијата во Мајами и не криеше дека турнирот во овој град му е еден од подрагите, дека има посебна поврзаност со големиот број на Латиноамериканците кои живеат во овој град.

За жал неговиот настап на „Мајами Опен“ годинава заврши уште во 3.коло, откако се пожали на болки во стомакот и мораше да му го предаде мечот на босанскиот тенисер Дамир Џумхур.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top