| четврток, 6 декември 2018 |

Вардар се изнамачи, но издржа до крај – продолжува во четвртфиналето на ЛШ

Македонскиот ракометен шампион се пласираше во четвртфиналето на Лигата на Шампионите, откако во реванш-натпреварот со полскиот Висла Плок успеа да дојде до минимална победа со 25-24.

Неизвесноста беше присутна за време на целиот натпревар. Публиката во преполната сала „Јане Сандански“ не беше спокојна во ниту еден момент. Практично цел меч се играше гол за гол, ниту една од екипите не успеа да направи позначителна предност. Натпревар со одлични одбрани на голманите на двете страни, многу промашени пенали – Вардар погодија само три од седум изведени пенали.

„Црвено-црните“ први направија една мини-серија и поведоа со 5-3, но веднаш потоа и промашија два седмерци, со кои наместо да дојде до поубедлива предност, ја изгубија и таа минимална што ја имаа.

При крајот на првиот дел гостинската екипа и поведе за прв пат, со 12-11.

На полувреме Висла замина со предност од два гола, 15-13. Тоскиќ успеа да постигне гол во последната секунда од првиот дел, но сепак судиите не го признаа со оправдување дека пикерот направил дополнително движење при шутот од 9 метри.

Во второто полувреме Висла имаше водство со највисоки 16-13 и успеваше да ја одржува таа предност во неколку наврати, 17-14, 18-15. Публиката „екплодира“ кога Ангелов му одбрани пенал на Дашек, а Тоскиќ веднаш потоа погоди за 19-18. Дибиров постигна гол за израмнување на 19-19, a со голот на Карачиќ Вардар поведе со 20-19. Но, искусниот тим на Висла не дозволи поголема серија на домаќинот и со играч повеќе искористи две грешки на „црвено-црните“ за да поведе со 23-21.

Vardar Visla (14) (Custom)

Карачиќ и Дуjшебаев брзо го вратија Вардар во игра откако израмнија на 23-23 и се знаеше дека до крајот натпреварот ќе биде „игра со нерви“. Во 57. минута Вардар поведе преку Дибиров со 25-24 и тоа беше резултат кој го водеше Вардар понатаму. До крајот имаше по неколку грешки на двете страни, но резултатот не се промени и Вардар се пласираше во четвртфиналето во Лигата на Шампиони.

Најефикасен во составот на „црвено-црните“ беше Алем Тоскиќ со 8 голови, а извонредниот Арпад Штербик имаше феноменални 16 одбрани. Кај гостите Житников беше најефикасен со 7 голови.

Vardar Visla (12) (Custom)

Противник на Вардар во 1/4-финалето ќе му биде унгарскиот првак Веспрем, кој денес втор пат убедливо славеше над Мотор Запорожје.

Vardar Visla (22) (Custom)

Фотогалерија од натпреварот тука.

Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top