| четврток, 6 декември 2018 |

„Случајот Хармс“ – премиера на Театар Комедија за четвртиот роденден (видео)

За четвртиот роденден Театар Комедија в недела премиерно ќе ја изведе „Случајот Хармс“ – претстава за Даниил Хармс, еден од најконтроверзните, но и највлијателните руски автори од 20 век.

Четврти роденден ни е, гости многу сакаме и затоа на подарок билети за претпремиера ,,Случајот Хармс”, реж. Дино Мустафич, сабота 20ч. делиме. Ваше е уште веднаш билети на билетарница (3119990) да резервирате и најдоцна до сабота (26.03) 12 часот да ги подигнете. Среќен ни роденден и се гледаме.

Posted by Teatar Komedija on Friday, March 25, 2016

Авторка на драматизацијата е Жељка Удовиќиќ – Плештина од Хрватска, а режисер е Дино Мустафиќ од Босна и Херцеговина.

Во улогата на Хармс ќе биде Илија Илиоски, а покрај него во актерската екипа се и: Жаклина Петровска, Мирјана Ристов, Ева Скендеровска, Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски и Столе Мицов. Сценографијата е на Крсте Џидров, костимограф е Благој Мицевски, кореографка Саша Евтимова, а музиката е на Оливер Јосифовски.

Режисерот Мустафиќ, кој работи во многу театри низ светот и кој во Македонија има поставено неколку претстави, за оваа постановка рече дека е неконвенционална и атипична во однос на тоа што е најчеста драматургија на нашите сцени.

– Тоа е претстава што многу бара во актерска смисла, затоа што е составена од низа елементи – кореографски, танцувачки, физички театар, акробатика, музика, па до слоевитоста на Хармсовиот текст, кој токму затоа што излегувал од литературните форми и конвенции, инсистира и бара едно длабоко интелектуално понирање во материјалот што се обработува – изјави Мустафиќ.

Така како што Мустафиќ го замислува Хармс е близок на  денешното време, и иако од денешна перспектива е класика, сè уште се луцидни неговите литературни импулси.

– Тој е универзален писател зашто може да го играте на кој било меридијан на светот и во неговите описи, слики и хумор ќе ја препознавате сопствената отуѓеност или некој вид сопствена внатрешна миграција кога светот станува страшно вулгарен, примитивен и идеологизиран – додаде босанскиот режисер.

Авторката на драматизацијата Удовиќиќ-Плештина рече дека Хармс не е лесна забава, како што хуморот, апсурдот и пародијата по својата природа никогаш не се лесна забава.

– Внатре во себе тој ја има противречноста, има потреба да се спротивстави, нешто да коментира. Таа дихотомија е всушност основната карактеристика на Хармсовото творештво, но и на неговиот живот. Покрај тоа што бил неприспособен и со својот хумор ги кршел нормите, втората карактеристика е односот кон еротското, кон вљубеноста за кои тој цело време пишувал преку своето дело. Оттука, еросот и танатосот се одредница на делото на Хармс – рече Удовиќиќ-Плештина.

Хармс се смета за авангардна икона на дисидентството, исклученоста и уметничката слобода, автор кој поради противењето на доктрината и авторитарноста на сталинизмот бил прогласен за луд и починал во затворската болница во Ленинград на 37 години.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top