Во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе” во Кавадарци синоќа беше отворена изложба на уметнички слики од ликовниот уметник Крунослав Стојановски, насловена „Циклуси”. Творечкиот опус на Стојановски, кој живее и работи во Загреб, опфаќа над 400 дела. На изложбата се претставени четириесетина слики од осум циклуси. Изложбата во Кавадарци е во соработка со Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, во рамките на проектот: „Кич, да,/сте или не/?!“ кој успешно се реализира по деветти пат.
За творештвото на Стојановски пред присутните говореше Нина Кецкаровска, претставник на Дирекцијата за култура и уметност од Скопје. Самиот автор нагласи дека во неговото уметничко творештво преовладуваат теми кои имаат социјална, хуманистичка, еколошка и политичка конотација, со посебен акцент на поединецот и на неговата улога, на можностите и на значењето во глобалното општество. Крунослав Стојановски (1969) завршил средно училиште во Скопје, а ликовна академија во Загреб. Тој е член на Друштвото на ликовни уметници на Хрватска каде моментно извршува и други високи функции во ликовната област на таа држава. Досега своите дела ги има претставено на 40 самостојни и 50 групни изложби во светот. Работел сценографии за филмови, ТВреклами, серии. Покрај со сликање, Стојановски се занимава и со цртање, изработка на инсталации, фотографија, видео, пишување и едукација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.