| четврток, 6 декември 2018 |

Салах Абдеслам не признава вина за нападите во Брисел, сака брза екстрадиција во Франција

salah

Еден од учесниците и организаторите на терористичките напади во Париз во ноември минатата година, што однесоа 137 човечки животи, белгискиот државјанин Салах Абдеслам, сака што побрзо да биде екстрадиран во Франција за да му се суди за нападите.

Ова го соопшти адвокатот на Абдеслам, Свен Мари, кој се појави пред истражниот суд на Белгија на првото сослушување по повод екстрадициската процедура на неговиот клиент. Како што рече адвокатот, Абдеслам пред судот не кажал ништо за нападите во Брисел затоа што наводно не ни знаел за нив.

advokat na teroristИстражниот судија не донесе одлука дали Салах Абдеслам по итна постапка ќе биде екстрадиран во Франција, што е негова желба, туку одлуката ја одложи до 7 април.

Абдеслам, по пет месеци успешно криење и избегнување на стапиците на безбедносните служби, во петокот беше уапсен во рација на белгиската полиција во бриселската населба Форест.

При апсењето Абдеслам беше ранет во ногата, но неговиот адвокат Мари во прв момент истакна дека Салах „има златно вредни информации” и дека „максимално соработува со истражните органи”.

Неколку дена по неговото апсење, група од најмалку пет терористи, од кои досега се идентификувани само браќата Калид и Ибрахим Ел Бакрауи и Наџми Лашмауи, извршија координирани терористички напади на аеродромот Завентем и на метро станицата Малбек во европскиот кварт на Брисел, при што загинаа 31 лице, а околу 300 беа ранети.

Според пронајдениот тестамент на еден од бомбашите-самоубијци, Ибрахим Ел Бакрауи, токму Салах Абдеслам бил поврзан со групата што ги изведе нападите во белгиската престолнина и поради тоа се претпоставува и дека е одложена неговата екстрадиција во Франција, бидејќи се очекува да одговара и за бриселските напади.

Француските власти уште во петокот побараа негова екстрадиција во Париз, каде му се закануваат обвиненија за тероризам.

Белгиската полиција вчера презеде нова операција во бриселски кварт, каде се наоѓаат институциите на ЕУ, при што беше затворена една од сообраќајниците. Сведоци од местото на случувањата тврдат дека имало престрелка, а полицијата засега одбива да изнесе детали.
Претходно беше објавен фоторобот на наводниот соучесник на напаѓачот од метро станицата во Брисел. Веќе има сведоци, кои тврдат дека го виделе младиот маж.

Според претпоставки во медиумите, терористите планирале да го нападнат Брисел следниот понеделник на првиот ден од католичкиот Велигден, но побрзале бидејќи била започната потрага по нив и биле осомничени за соучесништво во нападите во Париз минатата година.

Инаку, министерката за здравство на Белгија, Маги де Блок излезе со официјална информација дека во двата терористички напади што завчера се случија на бриселскиот аеродром „Завентем” и на метро-станицата Малбек, загинале вкупно 31 лице, а 300 се ранети, од кои 150 се уште се во болница. Од ранетите, 61 лице имаат потешки повреди опасни по живот и се наоѓаат на интензивна нега во болниците ширум белгиската престолнина. Четворица од хоспитализираните, кои се во кома, се уште не се идентификувани. Ниту еден од загинатите се уште не е точно идентификуван и токму затоа се доцни со објавување на листата со нивните имиња и националност.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top