Македонското книжевно творештво годинава ќе биде претставено на три саемски манифестации, на саемот на книгата во Франкфурт, во Истанбул, и на наше огромно задоволство, за првпат ќе бидеме присутни и на меѓународниот саем на книгата во Париз, Република Франција, кој од 17 до 20 март се одржува во Салонот на книгата во оваа метропола. Саемот на книгата во Париз, на кој земаат учество повеќе од 1.200 издавачи, претставници на 50 држави од Европа и од светот и преку 4.500 автори, е едно од најзначајните средишта за претставување на издавачката индустрија од целиот свет. Во таа смисла, присуството на Република Македонија на оваа манифестација, која веќе има 35-годишна традиција, е од исклучителна важност за презентацијата и за промоцијата на македонската литература, на македонските автори и на македонските издавачи во меѓународни рамки.
-На меѓународниот саем на книгата во Париз, на македонскиот штанд, преку комесарите: издавачките куќи „Три“, „Арс ламина“ и „Култура“, ќе бидат претставени преку 400 вредни книги на македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија, кои го презентираат нашето богато културно наследство, македонската традиција, историја, уметност, култура и туристичките потенцијали. Пред посетителите ќе биде претставена и капиталната едиција „Превод на 135 тома македонска книжевност на англиски јазик“, како и Антологијата на македонската книжевност во шест тома објавена на француски јазик во издание на НУБ „Св. Климент Охридски“. Се разбира дека во фокусот на целото претставување ќе биде македонското творештво и во тој контекст со задоволство би сакала да истакнам дека оваа година, на македонскиот ден, на 18 март, пред публиката во Париз ќе биде организирана трибина со наслов „Македонија како книжевна и духовна дестинација на Европа“, истакна министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
На трибината ќе присуствуваат авторите Луан Старова, Јордан Плевнеш, Владимир Мартиновски, како и еминентниот професор на универзитетот Сорбона, Фабрис Д’алмеида, претставници од реномирани книжевни институции, како интернационалниот поетски фестивал Пролет на поетите, кој секоја година се одржува во Париз, поетското биенале на Франција, познати француски поети, издавачи, новинари, претставници од францускиот ПЕН центар. На 18 март ќе се оддржи и поетско читање со наслов „Македонија, светски центар на поезијата“, на кое учесници ќе бидат Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, но и други автори од Република Франција.
-Во насока на покомлексно претставување на македонската литература подготвен е и еден обемен каталог со наслов „Средби на писмата/културите“, во кој на француски јазик се прикажани македонските книжевни вредности. Каталогот, чии уредници се проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер и проф. д-р Владимир Мартиновски, е конципиран и замислен како место на средби меѓу различни книжевни писма, поетики и пристапи на автори во сферата на прозното, поетското и драмското творештво. Во него се застапени некои од најзначајните современи македонски раскажувачи: македонските поети , а последниот дел од каталогот е посветен на драмското творештво на Република Македонија со селекција на сегменти од авторските дела на еминентните македонски драматурзи – подвлече Канческа-Милевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.