На 18 март ќе се отвори ретроспективна изложба, Татко и син Вељковиќ, 45 години творештво на Мишо Вељковиќ и 15 години творештво на Урош Вељковиќ. Изложбата ќе биде отворена од директорот на МКЦ, Златко Стевковски. Изложбата во галеријата на МКЦ ќе биде отворена во 20.оо часот и сите љубители на уметноста може да ја погледнат до 3 април.
„Изложбата е интеракција и релација на дела во кои ги гледаме континуитетот и тенденцијата за исказ со приказ на бунтовност кон времето и околностите што им се сервирани на авторите – таткото Мишo и синот Урош. Таткото гестот го илустрира со практична сценска илустративност или пак на моменти, на начин својствен на надреалистите или како што Андре Бретон го дефинирал надреализмот: како диктат на мисли, без контрола на разумот, надвор од секоја естетска и морална преокупација. Во делата на Мишо сѐ е подредено на неговиот внатрешен свет, неговата агресија, бес, очај, неговата душа или во крајни црти на неговата животна приказна. Мишо се окупирал со нешта што повеќето луѓе ги избегнуваат, без разлика дали се уметници или не. Тој ја има тенденцијата за опис на тоа што во него е затрупано или бетонирано, заклучено со големи ‘рѓосани катанци. Светот во овие слики е како џиновска утроба во која непрекинато се случува раѓање, во тој свет се плови на мистични и недефинирани облаци. Исходот во сликите не е извесен, исходот воопшто не ни постои, тој како категорија е измислен за луѓето да се чувствуваат побезбедно. Сликите на Мишо Вељковиќ го поништуваат поимот на кој би сакале да се надоврземе, нема почетокот и крај, постои само интерпретирана визија. Јас лично не го познавам Мишо, но гледајќи ги неговите дела, знам дека Мишо исто како Сизиф, одново ќе се враќа на својот камен и ќе го турка на ридот од животните превирања во неговиот внатрешен свет.
Урош – горопадниот син – бунтовник, музичар, графичар, сликар, кој сака да ги тргне „камењата“ од нивниот инерциски пат. Да им даде по секоја цена своја траекторија на таа тврда и тешка маса, која има тенденција да го згмечи во стандарден калап. Сликите се подредени на неговата агресија, бес, разулавен ритам на фигури и линии коишто по секоја цена ќе се наметнат на публиката. Тешко и крајно неблагодарно е да се нагаѓа за размислата на уметникот додека го твори делото, а уште потешко да насети што уметникот во тој момент чувствува. Затоа јас нема да направам обид, најдобро ќе е да се задржам на интроспекцијата. За мене едно уметничко дело значи онолку колку што може да разбуди возбуда, тоа со самата намера и тенденција на авторот не мора да има некоја допирна точка. Лично ги ценам оние автори биле тие сликари, поети или композитори, кои додека творат немаат однапред никаква намера. Оние што ќе остават да ги води внатрешниот глас, четката и пластот на бојата. Времето и ликовното искуство во катарзични моменти успева да го исфрли внатрешниот трепет, па колку нејасен и мистичен да бил за авторот. За потоа да сфатиме дека тоа не било трепет, туку врисок или крик – голема бучава. Со тој ритам живее Урош, катарзично исфрлајќи ја прочистената порака изразена преку гестот на неговите слики. Во случајов музиката е како вид на ѓубриво што го апсорбира уметникот и го инкорпорира во неговата работа на платното, картонот или хартијата. Бојата е струната, очите ја даваат хармонијата, душата е гитара или тапани, уметникот е раката што игра и предизвикува вибрација во просторот. Урош настојува да имитира звук или тоналитет со реплицирање на тоналитети и гестови врз платното. За крај, реалноста на Урошовите дела не е она што таа е, туку и она што го чувствува, мисли, љуби и неговата проекцијата за иднината“, вели Горјан Ѓорѓиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.