| четврток, 6 декември 2018 |

Грчки медиуми: Во јуни сигурно ќе има ново вето ако не се најде решение за името

Грција ќе одговори со вето во случај да има обид за отварање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Македонија на самитот во јуни, ако до тогаш не се најде решение за името, пишува солунскиот весник Македонија повикувајќи се на владини извори, кои потенцираат дека колку и да биде силен притисокот, Грција нема да ги смени позициите.

Весникот пишува, дека ваквиот став на грчката влада бил особено важен, затоа што Европската Комисија во последниот извештај бележи напредок за Македонија и предлага старт на пристапните преговори веднаш, надевајќи дека таква одлука ќе биде донесена во јуни.

Според весникот, грчките намери за вето биле најавени неодамна преку изјавата на заменик министерот за надворешни работи Куркулас:

–      Грција ќе продолжи силно да ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан. Интеграција во европското семејство е можно само за земјите подготвени и способни да се посветат на добрососедските односи. Нема шанси со принуден брак да се приклучат на Европската унија, рекол Куркулас.

Македонија во својот текст пишува и за оптимизмот на еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во врска со последниот предлог на специјалниот посредник на ОН Метју Нимиц, како и за задоволството во владата во Скопје по пораките од Брисел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top