| четврток, 6 декември 2018 |

Тунижаните влегуваат во сериозен проблем, 14 ракометари потпишале петиција за бојкот

Во ракометната репрезентацијата на Тунис не стивнуваат превирањата и проблемите во пресрет на олимписките квалификации во Гдањск на кои ќе настапи и македонската селекција.

По назначувањето на Хафед Зуаби за привремен селектор на местото на суспендираниот Силвен Нуе, 14 репрезентативци меѓу кои и капитенот, Махмуд Гарби, испратија петиција до Туниската ракометна федерација со која се спротивставуваат на смената на поранешниот селектор Силвен Нуе и на неговиот помошник Ануар Аје и се заканија дека нема да настапуваат за репрезентацијата под водство на друг селектор.

tunis

Состојбите во туниската репрезентација посебно се влошија последниве денови по назначувањето на Хафед Зуаби за селектор на местото на Силвен Нуе кој доби шестмесечна суспензија од ИХФ поради напад на судиите во финалето од Купот на Африканските нации. Нуе и репрезентативците бараа репрезентацијата на олимписките квалификации во Гдањск да ја води неговиот помошник Ануар Аје. Но, Туниската ракометна федерација го одби тоа и како времено решение за селектор го назначи тренерот на Клуб Африкен, Хафед Зуаби. Одлуката наместо решение донесе уште поголеми проблеми и незадоволство кај репрезентативците со најави за откажување од националниот состав.

– Се обидовме да најдеме решение што ќе одговара за сите. Се најдовме во тешка ситуација и моравме брзо да реагираме затоа што ни претстои настапот во олимписките квалификации и затоа што мислам дека имаме шанси да одиме во Рио – изјави претседателот на Туниската ракометна федерација, Мурат Местири.

На крај Туниската ракометна федерација донесе одлука за комплетно разрешување од функцијата на францускиот тренерски тандем, селекторот Силван Нуе и на неговиот помошник Ануар Аје. На селекторското место за олимписките квалификации останува Хафед Зуаби како привремено решение. Федерацијата исто така ја отфрли и петицијата и најавените откази на репрезентативците кои се повикани да ја исполнат должноста кон својата земја, но, и да бидат подготвени да одговараат за својата постапка и за односот кон репрезентацијата кога за тоа ќе дојде време.

peticija

Тунис е еден од трите противници на Македонија покрај Полска и Чиле, на квалификацискиот турнир во Гдањск (8-10 април) на кој двете најдобри селекции обезбедуваат пласман на ОИ во Рио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top