Играта „кој е кој“ во државата ги истенчи и најдебелите нерви. Кога се чинеше дека нема крај на политичките невозможни условувања од опозицијата, сесрдно поддржана од меѓународната заедница, ВМРО-ДПМНЕ ја одигра најсилната партија шах во своето десетгодишно владеење. Владејачката партија покажа зрелост и одговорност во моменти кога опозицијата и особено нејзиниот „чадор“ помислија дека по тридневен молк, на истекот на рокот за распуштање на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ќе заиграат „на ѓон“.
– Одлуката за изборниот ден беше во наши раце. Но, и одговорноста што ја носиме за државата и за народот во неа. По долги и детални анализи и консултации, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за поместување на изборниот ден од 24 април за 5 јуни, со цел не да го задоволиме СДСМ, бидејќи тој, како и да е, ќе бега од избори и од соочувањето со народот, туку да не оставиме простор да бидеме погрешно разбрани од дел од нашите граѓани, но и злоупотребени од сите оние што не ѝ сакаат добро на Македонија и кои немаат еднаков интерес како нас, Македонија да оди напред – образложи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Не може да не се забележат неизречените, но јасни пораки по Денот Д за овој состав на македонскиот парламент, по низата средби и случувања на политичко-дипломатските активности. Тие пораки се содржат во оние пет точки што произлегоа од овие активности.
– Низ анализите и консултациите, претставниците на ЕУ и на САД нѐ убедија во четири работи: прво, дека ова ќе е единствено пролонгирање и дека нема да има ново барање од нив за пролонгирање изразено во која било форма. Второ, дека до изборите на 5 јуни повеќе нема да има разни преговори за организирањето на изборите бидејќи и тие сега веруваат дека ДИК ќе има доволно време да ја заврши својата работа со пречистувањето на избирачкиот список. Трето, дека нема да има поставувања на никакви нови услови за одржување на изборите на 5 јуни вклучувајќи го и законот за медиумите; и четврто, нема да има нови проценки од страна на ЕУ и на САД за тоа дали земјата е подготвена за избори или не, затоа што со поместувањето на датумот овие нешта се апсорбирани – објави Груевски.
Нема преговори, нема олеснувач
Договорот за промена на датумот за предвремените парламентарни избори на површина го покажа она што долго време се посочува во јавноста, дека во преговорите преголема улога и влијание врз медијаторот имаат фактори кои по ниедна основа не се дел од политичкиот дијалог за надминување на кризата.
Ако најголемиот, барем во низата последен камен за сопнување во таканаречените преговори – носење нов Закон за регулација на медиумите – се покажа како излишно, но и покажа дека и постојната регулатива дава рамка за медиумска саморегулација која ќе придонесе од ЕУ и од САД да се оценат јунските избори како „веродостојни“- посочува само признание токму од истите тие „гаранти“ дека СДСМ поставувал непотребни услови и намерно го кочел процесот за навремено завршување на обврските.
Токму за таа гаранција, која меѓународната задница ја дала во ВМРО-ДПМНЕ, сега најгласно изненадени се припадниците на оној дел од медиумската заедница која бараше да се прифати законско решение поднесено од медијаторот Питер Ванхауте (да не се навраќаме дека тоа не било европско решение, ама било креирано според менталитетот). Но, дури и меѓу нив испливуваат признанија дека проектот за медиуми бил само обид да се искористат партиските преговори, дека предлозите за решение биле неиздржани, како и дека во име на медиумите преговарал таканаречениот невладин сектор кој се занимавал со прашањата на медиумите. Сите овие признанија доаѓаат од перото на најголемиот критичар на власта и еден од доскорешните најголеми поддржувачи, па и креатор на политиките на Зоран Заев, Бранко Героски.
Добиените гаранции, пак, дека нема повеќе преговори кон организација на изборите како и нови условувања, значи дека прашањата се елаборирани и дека колку и да се крие кадарот на СДСМ во функцијата на прв човек на Државната изборна комисија, ќе мора да си ја заврши работата за која е поставен. Меѓународната заедница, уверена дека Комисијата сега ќе има доволно време за да се заврши работата со пречистувањето на избирачкиот список, ја затвора вратата за идни поплаки по ова прашање. Гаранциите се и патоказ на опозицијата дека ќе мора да учествува во овој изборен процес и да ги признае резултатите. За да нема недоречености, и амбасадорот на САД, Џес Бејли, побара на изборите да учествуваат сите партии.
Затоа и првиот човек на СДСМ, по најновиот договор за враќање во живот на Пржино, беше приморан да каже дека партијата „ќе ја преземе одговорноста што ќе ѝ ја дадат граѓаните“. Каква, пак, одговорност ќе ѝ дадат граѓаните, јасно им е и во СДСМ, каде што постојано се следи расположението на јавноста.
Меѓу редовите на овие две гаранции се чита дека е разбрана пораката за непожелноста и, воопшто, непотребноста од „услугите“ на олеснувачот кој, најблаго кажано, надалеку излета од нормите на однесување кои ги носи медијаторската функција. Оваа гаранција во себе го содржи увидувањето на исправноста на ВМРО-ДПМНЕ, која неколку дена пред, како што велат странците, „враќањето на Пржино во живот“, соопшти дека Ванхауте веќе е „само турист“. Дури и меѓународната заедница повеќе не можеше да ги оправдува низата навреди и непочитувања на државата, на народот, на историјата, па и на политичките претставници, како на партијата така и на државата. Особено што неговите активности на социјалните мрежи упатени кон јавноста само ги надополнуваа дрскоста и непочитувањето искажани на преговарачката маса. Со гаранцијата дека нема повеќе преговори, особено оние во кои ќе посредува белгискиот медијатор, ВМРО-ДПМНЕ остави простор и меѓународната заедница, пред сѐ, да се заштити од скандал во кој „неуспех“ ќе беше најбезболната од низата квалификации што ќе следуваа.
Отстапки за разобличување на сценаријата
Без гаранции какви што дадоа Брисел и Вашингтон, одложувањето на изборниот ден не ќе беше можно. Однесувањето на членовите на СДСМ оставило простор за сомнеж дека ќе се обидат да го злоупотребат периодот до изборите за да избегаат повторно од нив. Но, и да ја втурнат земјата во нов, поцрн паралелен систем.
Токму затоа Груевски ја образложи политиката на ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период за кој, како што и самиот посочи, поголемиот дел од јавноста го оценуваше како политика на многу компромиси, попуштања и отстапки. Тие отстапки не само што прилегаат на одговорна политика на најголемата политичка сила во државата која една деценија ја води државата, туку и придонесоа за комплетно разобличување на опозицијата. Доколку не се успееше да се расчлени деструктивната политика на СДСМ онака како што го направи тоа ВМРО-ДПМНЕ, со многу тактика и со вистински влечени потези, ќе се создадеа услови за злоупотреба на ситуацијата во моменти кога фокусот и на домашната и на меѓународната јавност е вперен во Македонија заради бегалската криза.
Одложувањето на датумот на изборите е уште еден од тие чекори кои нема да остават момент на недоумица кај домашната јавност. Доколку се стои на зборот, Брисел и Вашингтон не би требало да остават шанса државата повторно да влета во сценарија во моменти кога од неа се очекува стабилност.
Оттука и сигурноста на ВМРО-ДПМНЕ дека преземената одговорност, но и последната партија шах што владејачката партија ја одигра на политичката сцена со што успеа да ја избегне „пат-позицијата“ на државата, на јунските предвремени парламентарни избори ќе ѝ донесе нов, чист, веродостоен, четиригодишен мандат.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 182. број на неделникот „Република“, 26.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.