| четврток, 6 декември 2018 |

Курц: Високо ги цениме напорите на Македонија во емигрантската криза

курц

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц во интервју за МИА  оддава признание на Македонија за пристапот во регулирањето и контролирањето на емигрантската криза и вели дека за нејзино решавање неопходно е Европа повторно да воспостави контрола врз своите надворешни граници.

Курц, кој презеде водечка улога во соочување со прашањето за емигрантите и ја отвори понудата за австриска воена поддршка за Македонија во заштитата на јужната граница, додава дека пред Европа допрва се предизвиците за интегрирање на досегашниот наплив на емигранти и за соочување со безбедносните ризици.

– Македонија дава сè од себе за да ја заштити границата со Грција со цел да се регулира навлегувањето на мигрантите и ние високо ги цениме овие напори. Ние ќе направиме се што можеме за да и помогнеме на македонската Влада во оваа вонредна ситуација. Затоа Австрија испрати 20 полицицски офицери, додека нашето Министерство за одбрана во моментов ги проценува можностите и тоа да и упати помош на Македонија – изјави Курц во своето интервју за МИА.

Влијанието на Австрија, како водечка држава меѓу низата средноевропски земји што го поставија прашањето на обезбедување на европските граници, предизвика остри критики од страна на Грција упатени кон оваа земја, а особено кон нејзиниот препознатлив министер за надворешни работи. За МИА, Курц вели дека Австрија вложила напори да ѝ помогне на Грција, но дека оваа земја има обврска, со европска помош, да ја обезбеди својата надворешна граница, преку која повеќе од еден милион емигранти досега влегоа во Европа.

Курц во Австрија е задолжен и за прашањето на интегрирање на веќе пристигнатите емигранти. За МИА, тој посочува дека задачата на државите каде што емигрантите бараат азил и трајна заштита, а многу потешка од задачата на државите низ кои тие само поминуваат.

– Австрија минатата година прими 90.000 барања за азил. Тоа значи дека, по жител, ние сме втора европска држава по број на примени барања, зад Шведска. Дури сме пред Германија. Ние сме истовремено и дестинациска земја и транзитна земја. Верувајте ми дека е далеку поголем предизвик да се биде земја која е крајна дестинација за мигрантите! Јас не сум само министер за надворешни работи, туку и министер за интеграции, и знам што зборувам. Интегрирањето на сите баратели на азил што дојдоа во текот на минатата година е голем предизвик за целата Влада. Мораме да им обезбедиме часови по германски јазик, да ги информираме за европските вредности, и да се погрижиме дека можат што е можно поскоро да влезат на пазарот на труд, за нивните барања за азил да можат да бидат одобрени – вели министерот Курц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top