| четврток, 6 декември 2018 |

Изложбата „Креативност и мизерија“ на Трајче Чатмов во Домот на АРМ (галерија)

В среда (9 март) во Домот на АРМ, во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Креативност у мизерија“ од Трајче Чатмов.

-Колку зборови би можеле да се употребат за да се опишат сите аспекти на природата на човековите чувства и доживувања? И, доколку е точна старата изрека дека една слика е еднаква на илјада зборови, колку слики би можеле да се насликаат за да се претстави индивидуалното искуство на еден уметник сосредоточен со бројните емоционални аспекти на човековиот секојдневен и несекојдневен живот?, стои меѓу другото во рецензијата за делата од изложбата.

2.padot na konjanikot-akril na platno-80x60

-Ориентиран од експресионистичкиот изразен метод, академскиот уметник Трајче Чатмов на својата изложба Креативност и Мизерија, пред публиката претставува платна на кои се насликани доживувањата на суштината на човековиот емоционален аспект. Тој потполно се апстрахира од визуелниот домен на реалноста, и го напушта секое вообичаено нешто кое обичното око има тенденција да не го забележи. Напротив, тој го слика доживеаното и ги пресликува чувствата кои можат повеќе или помалку и секој пат со различна нота и интензитет, да се изразат, или пак да не се изразат, во моментот на доживување. Оттука, јасно се согледува дека главниот потег со четката е насочен токму кон природата на човекот, во која никогаш не може внатрешната и надворешната одлика да се претстави во идеална рамнотежа. Токму затоа, асиметријата која владее во насликаните дела во хармонија со силниот колорит кој раководи со погледот, го води и го насочува набљудувачот од една кон друга линија, одгатнувајќи една подлабока смисла: во секое навидум асиметрично исцртување на извесна телесна карактеристика, се имплицира оној „невидлив“ дел на постоењето, емоцијата, која се доживува индивидуално и речиси невозможно е да се спореди или подеднакво да се сподели со која било друга индивидуа.

5.bes-akril na platno-50x50

Неизбежно е во делата на Чатмов да се согледа, воедно, неговиот стремеж да ги отслика различните доживувања на еден искрен, детски начин и така, насликаното доживување да го претстави онака како што тоа би било изразено од личност која за првпат се соочува со таква емоција. Уметникот несомнено длабоко продира во сопствената палета на искуства за да ги пронајде и изрази највпечатливите лични доживувања, прикажувајќи ги како човечки ликови. Во зародишот на таквата идеја да се прикаже доживувњето без да се прејде кон никакво негово идеализирање, се чувствува едно длабоко вознемирување, кое е постигнато преку употреба на моќна и богата колоритна палета и контури преточени во јасно отстапување од реалната надворешност.

6.woodoo man-akril na platno-50x50

Во голема мера, главниот мотив на сликите од циклусот Креативност и Мизерија е антропоцентричното прикажување на емоционалниот живот. Преку градење на тематски мостови помеѓу личното и колективното, интимното и општественото, Чатмов слика човечки фигури кои меѓусебно се поздравуваат, војуваат, се соочуваат со своите пороци и страсти. Посебен аспект преку кој уметникот ја создава содржината на своите слики, е неговата тенденција да се акцентира секој недостаток на едно лице или тело, па преку таквата асиметрична повеќесмисленост, тој човековите очи ги слика секогаш различни едно од друго, во неговите акти на женски тела тежнее да испушти да ја наслика едната града, човековите дланки кои поздравуваат или војуваат се изразено отворени и нагласено подадени… Па сепак, во целата таа антропоцентрична тенденција, додека секоја слика ја прикажува лице-во-лице со набљудувачот, се забележува и еден акт, во кој е прикажана жена свртена со грб, изложувајќи го набљудувачот единствено да се соочи со сопственото, лично доживување.

vesela prosetka

Оттаму, се согледува една посебна, философска тенденција која ги дефинира применетите изразни средства при (раз)откривањето на чувствата, а тоа е тенденцијата да се акцентира значењето на личното доживување и со тоа, свеста за самото тоа доживување да се прикаже преку трансформација на извесна духовна вредност. Поаѓајќи од тезата дека чувствата се главната одлика на човечкиот живот, уметникот го слика сопстевниот ритам на неговото емоционално искуство, односно го отелотворува сопственото доживување.

Земајќи предвид дека Чатмов во oвој свој најнов уметнички израз го користи експресионизмот како методолошка форма, се забележува неговото навраќање кон едно авангардно поимање на насликаниот свет, кој не секогаш е пријатен и удобен, туку напротив, најчесто ја остава личноста збунета, изгубена и обременета со бројни емоции. Употребувајќи силни и навидум хаотични контрастни тонови, тој создава нови тематски композиции кои со голема умешност успеваат да изразат без намера да вербализираат, форми составени од нефигуративни и речиси апстрактни линии кои единствено во хармонијата на внатрешната композиција откриваат збунети, радосни, лути, агресивни, вљубени, возбудени лица и тела, испреплетени во сопствените интимни чувства и стравови, преку длабоки колоритни бранови чија единствена задача е да го подражаваат моментот на искусувањето на чувството. Овде јазикот на експресионистичката постапка е прикажан преку еден посебен уметнички дискурс, кој се сосредоточува кон продлабочено луцидно разоткривање на доживувањата на извесни општествени вредности, пороци, водење битки, стравување, восхитување, радување, или пак едноставно секојдневно поздравување, и сето тоа ја изразува несекојдневната енергија и имагинативната моќ на авторот. Тој успешно го прикажува сето она што во секојдневието можеби и е испуштено веќе да се обсервира како чудесно, па на енергичен и вознемирувачки начин успева да наслика икони, луѓе прикажани како медиокритети, луѓе со своите пороци, или едноставно, само лица оптеретени со моментален наплив на своето внатрешно вознемирување.

Во целиот тој спектар од насликани доживувања, преку особената динамичност на уметничкиот израз, Чатмов создава дела кои имаат тенденција да го соочат набљудувачот со сопствените чувства, да го возбудат или вознемират, или пак огледално да ги нагласат емоционалните состојби со кои секој човек се соочува во своето секојдневие. Со тоа, уметникот успева да извојува убедлива победа над рамнодушноста, и да отвара нови визуелни аспекти на човековото искуство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top