Веќе и не е сензација, женскиот ракометен клуб Вардар анагажира уште една извонредна ракометарка, Алисон Пино, средниот бек на репрезентацијата на Франција.
Пино следната сезона ќе настапува во дресот на „вардарки“ со можност потоа и за продолжување на соработката. Со неа Вардар си направи квартет од „триколорки“. По Амандин Лејно, Сираба Дембеле и Клодин Менди, Пино е четвртата Французинка што ќе го носи дресот на Вардар во следната сезона.
Најновото засилување беше најдобра ракометарка во светот за 2009 година, прогласена од ИХФ. Во Скопје доаѓа по една сезона мината во романската екипа Олчим Валчеа. По елиминацијата во полуфиналето од Ѓер, 24-годишната Французинка реши да го напушти романскиот тим со кој лани потпиша едногодишен договор. Пино две сезони играше за Мец (2009-2011), а пред тоа три сезони беше во Изи ле Мулино (2006-2009).
Во репрезентативната кариера со селекцијата на Франција има два сребрени медали од светските првенства во 2009 и во 2011 година, петто место на ОИ во Лондон и деветто место на последното ЕП 2012 во Србија. Пино во 2009 година беше прогласена од ИХФ за ракометарка на годината, а двапати беше најдобар плејмејкер и дел од олстар-тимот на СП 2009 во Кина и на СП 2011 во Бразил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



