| четврток, 6 декември 2018 |

Агенцијата за филм финансиски ќе поддржи три домашни сценарија

Агенцијата за филм финансиски ќе поддржи три проекти за пишување домашни сценарија, кои се избрани на конкурсот кој Агенцијата го објави во ноември минатата година.

На конкурсот на Агенцијата за филм објавен во ноември минатата година пристигнале вкупно седум проекти за сценарио, а избрани се „Сестра“, поднесена од Дина Дума, „Адела, Новинар“ поднесена од Елеонора Венинова и „Сами“, проект поднесен од Драгана Лукан Николовски.

Како што информира Агенцијата, седумте пријавени проекти, односно идеи за сценарија во период од 3 до 5 декември во Скопје се развивале во рамките на работилница предводена од меѓународениот експерт Кристијан Рут од организацијата „Скриптист“ (ScripTeast).

Целта за ваквиот начин на поставување на конкурсот беше учесниците да ги развијат своите идеи со концепт кој ќе биде одржлив за понатамошна поддршка од страна на Креативна Европа во потпрограмата – Медија.

Во текот на работилницата, меѓународниот експерт работеше на развојот на седумте идеи за долгометражен филм пријавени на конкурс. По завршување на развојот на идејата, односно по доставување на нови тритменти работени согласно со неговите насоки, меѓународниот експерт ги идентификуваше горенаведените три идеи дека имаат најголем потенцијал да се развијат во сценарио кое ќе биде одржливо за поддршка на потпрограмата – Медија и да биде прифатено од поширока публика.

„Скриптист“ е независна филмска фондација која организира програми за обука специјално дизајнирани за талентирани сценаристи од Источна и од Централна Европа.

Целта на оваа организација е да ги избере најдобрите сценарија и автори и со помош на меѓународни експерти да помогне во развојот на сценариото на филмските проекти кои имаат потенцијал да ги надминат бариерите на локалната приказна и да добијат поширока публика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top