| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел нема план „Б“ за бегалската криза

Германската канцеларка Ангела Меркел не се откажува од политиката на отворени врати за бегалците, тврдејќи дека оваа политика е од интерес на Германија.

merkelue_85153-L0x0

Во интервју за германската национална телевизија АРД, Меркел вели дека не е лесно и дека патот е тежок, порачувајќи притоа дека тие што размислуваат за Германија треба да размислуваат и за Европа и за регионите до Европа.

– Длабоко сум уверена дека патот по кој тргнав е вистинскиот – вели канцеларката која тврди дека нема план „Б“ за бегалската криза.

Во врска со позицијата на Грција во бегалската криза Меркел порача дека Европската унија не смее да дозволи оваа земја да „влезе во хаос“ поради приливот на илјадници мигранти што сега се заглавени на грчка територија поради блокадата на границите на земјите од „Балканската маршрута“.

„Дали навистина мислите дека членките на Еврозоната се бореа до последно Грција да остане во заедничката монетарна унија за по една година да дозволиме земјата да биде во хаос? Нејзин став е дека членките на ЕУ не смеат да ги затворат границите за бегалците и со тоа да ја остават Грција сама да ги решава проблемите со бегалците.

Канцеларката, која во ЕУ се соочува со длабока поделба пред самитот на 7 март, отворено покажа незадоволство од однесувањето на балканските земји предводени од членката на ЕУ Австрија кои координирано ги затвораат границите и со тоа создаваат тесно грло во Грција, додека во исто време од Турција продолжувааат да доаѓаат бегалци.

Според неа не е добро да се преземаат еднострани дејства и да се затвораат националните граници внатре во ЕУ.

– Токму од тоа се плашам сега, дека некои држави ќе ги затворат своите граници а други ќе страдаат. Тоа не е мојата Европа – изјави Меркел за АРД.

Во врска со критиките дома и порастот на ксенофобијата и палењето на бегалски кампови во разни делови на Германија, канцеларката смета дека постои зголемена поларизација и политизација на проблемот. Ги осуди нападите врз бегалците што ги нарече „одвратни и ужасни“.

Меркел во интервјуто порача дека Германците што имаат дилеми за нејзините чекори во врска со бегалската криза сѐ уште не се убедени во тоа што таа го прави, но дека таа може да ги убеди ако кризата биде надмината. „Правото на човечко достоинство е неприкосновено и тоа важи и за германските граѓани и за мигрантите“, порача Меркел и дополни дека интеграцијата не е само право туку и обврска, а напорите што ги прави Германија за прием на бегалците не можат да бидат доволни доколку бегалците не го почитуваат законот.

Германската канцеларка на последната анкета објавена минатата недела има два процента повисок ректинг од тој што беше измерен минатиот месец. Нејзината партија ЦДУ и сестринската баварска партија ЦСУ на 13 март ќе учестуваат на покраинските избори во три германски држави: Баден – Виртенберг, Рајна Палатинат и Саксонија – Анхалт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top