Ќе доживее ли македонското новинарство да не се занимава само со себе? Веројатно, да. Но, дали сите ќе бидат задоволни? Уште поверојатно, одговорот е – не! Додека Македонија се турка во виорот секоја професија да биде оспорувана и ставена во позиција да се докажува дека е професионална, новинарството по налетот на залутани и нереализирани „вируси и бактерии“ повторно се брани само од себе.
Новинарскиот еснаф, термин зад кој се кријат тие што ја киднапираа најстарата новинарска организација во земјава, предолго нуркаат во политиката барајќи не излез за новинарството, туку личен излез од него. Стандардите сега се на повисоко ниво од портпаролски позиции во секторските министерства, откако поранешниот новинарски лидер се „одроди“ од новинарството и сега е личен водач на опозициската глава низ медиумските лавиринти. Во партиската канцеларија на СДСМ за комуникации со јавноста, пак, се реализираат и други новинарски имиња. Трети, пак, добија шанса преку божемни граѓански здруженија (популарно „порталчиња“) да си играат медиуми со сесрдна сестринска помош од фондовите од надвор. Оттука и не е за изненадување дека сличен ангажман бараат и актуелните здружени и синдикални новинарски сили. Имајќи го тоа предвид, тешко дека некој ги разбира сериозно, а барањата за професионално новинарство и стандарди за синдикално поделените свирчиња звучат како барање да се учествува во политичките преговори што ќе овозможат поширока излезна порта од еснафот. Кога главна вест станува новинарот, а не информацијата, тогаш работите се сосема завртени наопаку.
Никој не е слеп за да не види дека се потребни професионални медиуми и почитување на новинарските стандарди. Само тоа поинаку го изразува. Ете, на пример, групата најгласни дека работата не чини и е на дното, дури јавно понуди фелацио во замена за законско решение, кое „не е европско, ама одговара на менталитетот“. Од другата страна, сѐ поголем дел од новинарите се противат на тоа решение, но се многу потивки. Токму затоа и не беше за изненадување појавата на нови форми на здружувања во кои креаторите на закон немаат „отворено мени“.
Да биде приказната уште поинтересна, но и појасна, групацијата што со свирчињата в уста го бара „менталитетското“ законско решение, не толку одамна во целост ја отфрлаше идејата за закон! Потоа, учествуваше во изработката и во „шмирглањето“ на постојното законско решение! Па се изостави регулацијата на интернет-новинарството! Дури и на тоа јасно да се разграничи „еснафот“ од тие што се залутани во него.
Стандардите и независноста на терен
Во паузите од надвикувањето во борбата за „професионално новинарство“ и заложбите за почитување на стандардите, редакциските подмладоци се упатуваат на обуки на кои се поттикнуваат да се претставуваат лажно, да фотографираат таму каде што не е дозволено тоа, да објавуваат неточни или нецелосни информации и, најважното – слепо да им веруваат на мајсторите за извртување од партиските кујни.
Токму тие мајстори за извртување во новинарството го воведоа синдромот „лажи, ќе негираме“, што сега исплива на површина и од каде потекнува. Последното поттикнување на новинари без искуство лажно да се претставуваат во странство при исполнување на редакциската задача е само резултат на изостанувањето на реакции од „еснафот“. И веднаш потоа – негирање и контраобвинувања. Познато ви е? Па ако може во политиката, зошто не и во новинарството, ако тоа може да се нарече новинарство, а не одработување. Зошто некој би се грижел за стандардите кога невистинитата информација подобро се наплатува, а и поминува без осуда од „еснафот“? Што ако ширењето невистини не само што се негира со сите новинарски стандарди, туку може и да предизвика несогледливи последици? Тоа сега, нели, не е важно.
Се побара ли одговорност кога истите тие кујни ги плетеа, на пример, приказните за случувањата во кумановско Диво Насеље? Станува збор за невистинити вести за многубројни цивилни жртви, за „вмешаност“ на едни, други, трети, за „фингерајки“, интервенции на странски армии, затворање граници… Информации со кои дополнително се внесуваше паника во јавноста, која во моментот беше отворена и без никаков сомнеж. А, таа отвореност носи политички поени, кои добро се наплатуваат.
Може ли да се најде трошка сомнеж во дел од медиумите, застапници на новиот закон готвен според „менталитетот“, за различните информации што ги објавуваа опозицијата и Зоран Заев за бројките за снимени материјали и за прислушуваните лица, па и по неговите лични демантирања за „чадори“, „чауши“, „фабрики“, „свиркачи“… Препозна ли „еснафот“ кај нив стандарди кога се оцрнува работата на дел од медиумите, меѓу кои и на редакцијата „Република“, од политички партии од опозицијата? Дали некој од здруженијата од еснафот, кои се најгласни за стандардите и за правата во новинарството, понуди заштита од директниот политички притисокот врз вработените во „Република“? Или во „Сител“? Или во „Курир“, „Прес24“, „Нетпрес“, „Канал5“, „Алфа“? Или на најголемата новинарска куќа – јавниот сервис МРТВ? Остана ли „еснафот“ слеп пред објавувањето непроверени информации? Дури и нападите врз новинарите за време на извршување задача поминаа со забошотување од еснафот. Го покри ли „чадорот“ и видното поле на „еснафот“ и на синдикатот обезбедувајќи му, наводно, предуслови за новинарски слободи и стандарди? Парите и политичкиот ангажман застанаа пред вистината, стандардите, колегијалноста во новинарството, но и пред креирањето сопствена одговорна уредувачка политика.
Колку чини професијата?
Така, доаѓаме до главните прашања за професијата. Колку чини таа? Колку чини вистината, а колку чини лагата? Колку чини одговорноста на медиумот, на новинарскиот производ и, најважно, на новинарскиот образ? За да може да се зборува за стандарди, тогаш треба да се гарантира и еднаквост. А таа еднаквост е можна само ако правилата на игра се еднакви за секого.
На прво место се финансиите. Ако се бара регулација на парите во медиумите заради, наводно, влијание во информациите, што ги двои тогаш странските фондови што котираат добро кај дел од медиумите? Соросовиот идеен татко во Македонија, Владимир Милчин, посочува дека фондацијата контролира најмалку седум медиуми, а со пари врз голем дел од медиумите имаат контрола и разни странски држави и организации.
Оттука се доаѓа до втората пречка. Не може да се зборува за новинарски стандарди и за изедначување на производот ако едните работат во регистрирани медиуми, а други во „сивата зона“ на здруженијата. Едните да се оптоварени со економски нормативи и даноци, а други – не. Притоа медиум мора да исполнува услови – професионална редакција, лектори, администрација, канцеларии, опрема. Наведен импресум во кој точно ќе биде посочено кој за што е вработен и за што е одговорен. А, ако интернетот со брзината се наметна како главен извор на информирање – тогаш не може порталите да бидат настрана од сето тоа. Ама нема да може да се продаваат монтирани слики, навреди и клевети по мера „еден денар – еден сантиметар“.
За најголемиот дел од новинарите, тие тивките, но не и безгласните, е нејасно зошто упорно се бега од издавањето лиценца за новинарите, ако се знае дека по принципот „стап – морков“ може да се направи ред во новинарството? Ако лиценцата значи дозвола за работа во медиум, која може да се загуби ако не се почитуваат стандардите, а морковот е системот за напредување во кариерата, зошто се негира исто како што се негираше и идејата за закон? Одговорот е едноставен. При ваков прост систем, голем дел од мајсторите за извртување нема да може да ги одработат парите што сега неоданочени завршуваат во нивните џебови, без притоа да се внимава на казнувањето.
Актуелниот хаос не ги одвојува новинарите од тие што не се тоа, колку и да нудат фелацио. Обезвреднетата „мешана салата“ во која секој е медиум и новинар предизвикува „еснафот“ и натаму да дискутира за глупости, безобразиe, ноторни лаги и дисквалификации, а во јавноста новинарите го заземаат просторот за вистински информации.
И да си фаќа сеир чекајќи нова јавна понуда за фелацио.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 181. број на неделникот „Република“, 19.02.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.