Според некои статистики, дури десет отсто од населението страда од остеоартритис, односно дегенеративни заболување на зглобовите. Типични знаци на остеоартритис е оштетување на зглобната ’рскавица, болка, воспаление и намалена подвижност на зглобовите. Дегенеративните процеси на зглобовите кои се случуваат со стареењето можат да се јават и на помлада возраст, ако постојат ризични фактори како што се засилено оптоварување на зглобовите, зголемена телесна тежина, повреди и друго. Ова заболување може да ги нападне сите зглобови, а најчесто се јавува во колената, на колковите, на зглобовите на дланката и на ’рбетот, вели д-р Александра Димова, ортопед во „Неуромедика“.
Дали нашето тело може да ги залечи и да ги регенерира повредите?
ДИМОВА: Нашето тело е создадено анатомски и во основата на своите физиолошки процеси, кога е здраво и кога е во полна форма, може да зацелува по одредени болести, по активирање на одредени патофизиолошки механизми и по одредени повреди. Меѓутоа, постојат одредени ткива кои ја немаат способноста за комплетно обновување и за регенерација, а такви ткива пред сѐ се мозочното ткиво и зглобната ’рскавица.
Што е остеоартритис?
ДИМОВА: Остеоартритис е дегенеративно заболување на зголобовите, на зглобната ’рскавица, односно, тоа е еден вид стареење на зглобната ’рскавица. Во нејзиниот состав постојат колагенски влакна кои со текот на годините почнуваат да се раскинуваат, да ја губат својата еластичност и со тоа доаѓа до помал или до поголем степен на деструкција, односно до уништување на ’рскавицата. Кога комплетно ќе се уништи ’рскавицата, почнува да страда и нејзината подлежечка коска и со тоа, всушност, се случува оштетување на целиот зглоб, како во неговата функција, така и во функцијата на неговите околни ткива, лигаментите, тетивите и на мускулите што го опкружуваат и што учествуваат во функцијата на тој зглоб. Она што современата ортопедија го знае е дека покрај тоа што остеоартритисот е дегенеративно заболување, во основа лежи една воспалителна, односно инфламаторна компонента. Оттука произлегува и името остеоартритис, која е кратенка што означува воспалителен процес. Воспалителниот процес, пак, во својата физиолошка основа има активирање на одредени ензимски синџири каде што се ослободуваат низа воспалителни материи кои се медијатори на тој процес. Еден од основните медијатори на воспалението претставува таканаречниот интерлеукин 1.
Како дејствува методот ортокин?
ДИМОВА: Методот ортокин во својата основа го има противвоспалителното дејство. Затоа и го споменав интерлеукин 1 како основен медијатор на воспалението. Ортокин-терапијата претставува автологна терапија. Логото или мотото на оваа терапија е „лекот е во вас“. Во оваа терапија се зема и се употребува крвта на самиот пациент. Таа крв прво се инкубира на одредена температура, односно на 37 Целзиусови степени, која е таканаречена супфебрилна температура на која се множат сите тие одбранбени фактори во крвта. По инкубација од шест до девет часа, крвта се центрифугира и од неа се извлекува серумот што е збогатен со 140 пати поголема концентрација на интерлеукин 1 рецепторни блокери. Што значи тоа? Тоа значи дека се ослободуваат материи кои во оштетениот или во воспален зглоб се нафаќаат на местото на рецепторите каде што инаку би се нафатил интерлеукинот 1 и на тој начин го стопираат самиот процес на воспаление. Во серумот се содржат и одредени фактори на зацелување кои заедно со противвоспалителната компонента го потполнуваат овој процес на залекување на дегенеративно или трауматски повредената зглобна ’рскавица.
За кои повреди и заболувања најчесто се користи?
ДИМОВА: Основното дејство на методот ортокин го користиме во лекување на зглобната ’рскавица, но, исто така, се користи за зацелување на повреди на мускули, лигаменти, тетиви, па дури и на нервни ткива, пред сѐ во смисла на одредени радикулопати, дискус хернија и слични невролошки заболувања кои предизвикуваат болки во грбот. Овој метод главно се користи како за дегенеративните заболувања на зглобовите, така и за нивните трауматски оштетувања. Во последно време сѐ повеќе наоѓа примена во лекување на ревматоидниот артритис, кој е сериозна автоимуна болест која ги напаѓа зглобовите и комплетно ги уништува. Важно е да се знае дека овој метод се користи во сите зглобови – од најголемите како колкот, коленото, рамениот зглоб до најмалите, како што се малите зглобови помеѓу членчињата на прстите. Покрај зглобовите, се користи и во третман на повреди и на заболувања на мускули, тетиви и на лигаменти.
Колку пати треба да се примени овој метод?
ДИМОВА: Колку пати ќе има потреба да се премени овој метод зависи од тоа за што се употребува, односно која е основната болест или повреда. Во суштина, примената на методот ортокин обезбедува обезболување и подобрена функција на зглобот, која трае многу подолго во однос на сите претходни конзервативни методи на лекување што досега сме ги имале на располагање. Ефектот од овој метод е индивидуален, зависи од пациентот и од основната болест. Може да трае доживотно, или пак неколку години. Но, она што е битно е тоа дека методот ортокин е комплетно автологен метод, не користи додаток на никаква хемија, никаков лек, никаква обработка на крвта на пациентот освен онаа во која добиваме екстрахирање на материите што ни се потребни од неа. Така што методот е апсолутно безбеден, нема никакви нуспојави, може да се повторува неограничен број пати.
Колку време се користи во светот?
ДИМОВА: Во светот се користи од 1985 година. Методот е германски, нејзин автор е доктор Петер Велинг од Германија. Големи, сериозни центри го работат овој метод и е проширен низ Европа, па и на Балканот. Во Хрватска постојат девет такви центри кои работат со години и имаат одлични резултати. Еден од основните базени на пациенти со терапијата ортокин се спортистите, затоа што повеќе се подложни на повреда.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)