| четврток, 6 декември 2018 |

„Диво Насеље“: Сведочеа ќерката и сопругата на еден од обвинетите

На денешното рочиште од судењето за настаните од Диво Насеље искази дадоа тројца сведоци предложени од обвинителството.

divo naselje 16 (Custom)

Две од нив беа ќерката и сопругата на обвинетиот Фадиљ Фејзулаи, кој, според обвинителниот акт, им ја издал куќата на членовите на вооружената група. Двете даваа контрадиткорни одговори на прашањата каде бил Фејзулаи во моментот кога дошла полицијата, за куќата во Диво Насеље, како и за здравствената состојба на нивната баба и свекрва која наводно починала од траумите од нападот.

– Во пет часот бевме опколени од полицијата, не знаевме што се случува. Имаше многу малтретирање и тепање и искршени врати, а претходно пукаа во дворот. Не знаевме зошто дојде полицијата. Го бараа татко ми, но не го најдоа – рече Артизана Фејзулаи. Според неа, во куќата била и нејзината болна баба која починала после еден месец од стрес.

На прашање на обвинителката дали побарале лекарска помош, сведокот одговори дека немале можност за такво нешто, затоа што 24 часа биле во полиција. На забелешката, повторно на обвинителката, дали подоцна побарале помош од лекар, сведокот одговори дека не го направиле тоа затоа што починала баба им.

– Па нели баба ти почина по еден месец- додаде обвинителката.

Запрашана каде бил татко и тоа утро, ќерката на Фејзулаи одговори дека имал друштво и одел во кафани и никогаш не им кажувал каде оди. За разлика од ова тврдење, сопругата на Фадиљ Фејзулаи, Фикрије, пред судот изјави дека кога утрото околу 5 часот полицијата дошла во нивниот дом, нејзиниот сопруг не бил дома бидејќи излегол по работа кај братучедите, но не знаела каде точно зошто „немала право да го прашува каде оди“. Двете изјавија дека нивниот татко и сопруг се занимавал со земјоделство.

Кумановскиот катастар на Обвинителството му доставил податок дека куќата во којашто се криеле терористите била во сопственост на Фејзулаху. Тој им ја издавал на лица од Косово. На прашањето од обвинителот дали живееле на улицата „Перо Илиевски“ во населбата Диво Насеље, ќерката на обвинетиот одговори дека живееле таму пред 4 години, а потоа се преселиле и сега живеат во Романовски пат. Спротивно на ова, сопругата на Фадиљ пред судот рече  дека таа куќа не е дел од семејниот имот.

На прашањето што им рекла полицијата за тоа што бара во куќата, сведокот  одговори дека им рекле дека бараат дрога и злато, а одговарајќи како знаела дека полицијата пука во дворот  изјави:

– Кој друг освен полицијата би можел да пука, ние немаме оружје. Не беа 100 полицајци, туку 2000- рече Фикрије Фејзулаи.

Сите сведоци изјавија дека претходните денови пред крвавите настани на 9 мај не забележале ништо невообичаено и сè било нормално и мирно.

29-мина обвинети во случајот „Диво Насеље“ се товарат за тероризам и учество во терористичка организација. На почетокот на судскиот процес обвинетите се изјаснија дека се невини додека обвинителството тврди дека нападот во Дива населба бил добро организиран, а обвинетите настапиле со директна умисла.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top