| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ да застане зад својот потпис

bona

Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор

 

Чудна политичка ситуација во Македонија. Повеќе од една година хаос, креиран и одржуван во континуитет, од актуелното неспособно водство на СДСМ. Вербални притисоци, уцени, закани – од нив и нивни поддржувачи… Разорно политичко дејствување насочено кон суверенитетот на државата и на народот.

Во земјава, во моментов, едни градат, други (СДСМ) разградуваат! Го разградуваат државотворниот систем на државата, го газат правото на народот да одлучува сам – за себе и за својата иднина. Се случува насилство што ги урива демократските (основни) постулати макотрпно градени /и надградувани/ веќе подолг период.

Со изнудениот Договор од Пржино грубо е суспендирана волјата на македонскиот народ јасно изразена во повеќе пати досега, последно, пред неполни две години (2014!). Ни го згазија изборното право загарантирано од ООН како неприкосновено право на секој човек, респектирано секаде во демократскиот свет! И, во Европа и во САД! Ама, претставници на овие „странски фактори“ ни го стокмија Пржино, ни го смачкаа достоинството и како народ и како држава. Силно изразената волја на народот ја прогласија за некредибилна, сесрдно објаснувајќи ни што биле тоа кредибилни избори?! Свои „добронамерни совети“ на легитимната македонска власт ѝ „испорачаа“ директно од пред владиниот објект на Илинденска, а, Ховит и Фуере се јавија од опозициските трибини, говореа за „убавините на Македонија“… Ванхауте ни го толкува менталитетот без око да му трепне… Не сме биле Европејци, сме немале таков менталитет… Тоа ни го соопштува (повеќе пати досега) „Европеецот“ Петер Ванхауте, “гастарбајтер“ во Македонија, со дневница од 900 евра?! Во „европски“ манир, со помош на мачки, пиштоли и „Твитер“, без никаков срам ни порачува – сме имале неевропско однесување! А, да го прогласеше државата Македонија Хауте за persona non grata! Така, како што би му направиле на кој било странец/дипломат во Европа и САД, ако практикува неприфатливо однесување во земјата-домаќин?!

Како и да е – свесни сме дека сето напред е „бенефит“ од „конструктивното и патриотско“ однесување на СДСМ! … и секогаш е така, кога работите не се одвиваат според нивните очекувања. А, што се однесува до „странскиот фактор“, според сè што ни го прават во државата (некои веќе ја прогласија „меѓународната“ за политичка опозиција во Македонија!), можеби треба да се постави поинакво прашање – почнаа ли и Европејците да ги прифаќаат балканските /демократски/ манири?!

  • Македонскиот народ (заедно со владата на ВМРО-ДПМНЕ) покажа капацитет за развој и унапредување на својата држава; на сите полиња. Не е логично да се игнорира позитивната трансформација на Македонија последниве десет години: – од држава на која ѝ недостигаа најосновните цивилизациски придобивки (фек…. канализации/колектори, водоводи – за СДСМ “банални и периферни работи!“), до држава, во моментот со изградени и во градба патишта/автопати, индустриски капацитети/странски инвестиции…, до држава во која се чувствува благодатот од највисоките дострели на современите технологии и техники во сите значајни општетсвени сфери… и, сето ова /мора да се признае/ како остварување на владата на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски!

Користејќи го актуелното неспособно, непресметливо (според деструкцијата што ја предизвикува) водство на СДСМ, веќе нема сомнение дека меѓународниот „фактор“ како да не подготвува за жртвување! Како поинаку да ги толкувате изјавите, кои во актуелнава политичка ситуација доаѓаат од некои од споменатите странски „фактори“ – во Македонија немало напредок во реформите… не сме биле подготвени за демократски избори?! За тие, вештачки наметнатите во Пржино/?!/, со забелешки што никако не држат: – Избирачки список: – ДИК, чијашто обврска е негово ажурирање/прочистување, десет години e раководена од кадар на СДСМ!; Медиуми: – нудат диктаторски закон за регулација на медиумите непознат за Европа!)… Ете, поради овие бедно фундирани забелешки (ниту избирачкиот список ниту медиумите го креираат победникот), не може поинаку да се разбере актуелниот став на „меѓународната“ – освен како навивачки (употребуваат флоскули во стилот на СДСМ) и со предумисла! Прифаќајќи ја играта на сдсмовското водство, покажаа дарежливост каква што немаат кон опозиционерите во сопствените земји – да им дадат власт надвор од волјата на народот. А, за предумислата… каква е, времето ќе покаже… иако /независно од „автохтоноста“ на разорната идеја за демонтажа на државните институциите/, сè посилен е впечатокот – дека крајната цел е – Република Македонија!

Дали ќе дозволиме хаосот и беззаконието да продолжат и понатаму развивајќи се до целосен распад, зависи од сите нас! Од тие – кои оваа држава ја сакаат како своја единствена татковина, а не како резервно „сврталиште“.

Од ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски, се очекува, цврсто да застанат зад договорениот и во Собранието изгласан датум за априлските (2016) предвремени парламентарни избори. Се очекува – да застанат зад својот потпис! Едноставно кажано, од ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски (за кои народот гласаше и во 2014 година) се очекува да го почитуваат Собранието на Република Македонија, кое го изгласа 24 април како /вонреден/ изборен ден!

Македонскиот народ заслужува да биде ослободен /конечно/ од притисоците, психичките тортури, насилствата врз умот и разумот на кои од дамнина е/бил подложен… од домашни, од надворешни… секогаш во нечие име и за нечии цели! На македонскиот народ насушно му е потребно почитување на демократските вредности /и/ од страна на странските дипломати (во земјава), од “факторите“, без да креираат посебни, специјални, квази-демократски правила за нас, како за „земја од западен Балкан“?!

И, за крај. СДСМ не е изборна опција за македонскиот народ. За никој во Македонија. Барем, засега; дали во иднина ќе успеат да ги разубедат граѓаните во тоа, ќе видиме… Можеби… ако ја заборават практиката – власт без избори!

А, ВМРО-ДПМНЕ?

ВМРО-ДПМНЕ /веќе/ направи конструктивен компромис! Сега треба да застане зад својот потпис – во/од Пржино, и во Собранието; тоа му го должи на народот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top