| четврток, 6 декември 2018 |

Вента: Немам дилема, Металург ќе игра со сите сили и со полна пареа

Тренерот на Кјелце, Богдан Вента, нема дилема дека Металург ќе игра со полна пареа и со сите расположливи сили во двомечот со неговиот тим бидејќи влогот е огромен, пласман на завршниот турнир во Келн.

– Го следев натпреварот со Вардар и знам дека за Металург играа сите, освен двајцата повредени првотимци. Не знам дали на паркетот ги штедеа силите, но апсолутно сум сигурен дека против нас в недела ќе играат со сите сили и со полна пареа. Ќе бидат два неизвесни натпревари и 120-минутна битка до максимум. Се надевам на добар ракомет, а ако имаме некаде предност, тоа е што реваншот се игра кај нас – вели Вента, во интервју за клупскиот веб-сајт на Кјелце.

Во таборот на Металург најавија дека и Филип Миркуловски и Велко Марковски ќе стиснат заби и ќе играат во историските натпревари за нашиот првак иако влечат повреди. Сега веќе нема назад и нема што да се загуби, а може многу да се добие. И за Металург и за Кјелце самиот настап во четврт-финалето во Лигата на шампионите е највреден клупски резултат.

Пробив во квартетот најдобри и учество на завршницата во Келн на 1 и на 2 јуни би бил невиден успех.

Во Полска, во ракометните кругови, централна тема е овој двомеч. Реваншот во нашата сала ќе биде вистински ракометен празник, и веројатно најважен настан во клупската историја на Кјелце. Но, сега мислиме само на неделниот меч во Скопје. И тука ќе имаме поддршка од нашите навивачи, како при првата средба што ја одигравме против Металург кога победивме. Имаме супер навивачи, а знам дека и македонските навивачи се многу темпераментни и максимално ќе го поддржат својот претставник – вели Вента.

Двете екипи имаат одлични односи, а и лани и годинава Кјлеце го кани Металург на турнирот во август, што тие го организираат. Минатата година Металург имаше поинакви планови и не учествуваше, а покана пристигна и за годинава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top