| четврток, 6 декември 2018 |

Заев: Избори на 24 април ќе ја втурнат Македонија во уште подлабока криза, ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака одолжување на кризата

На одржана прес-конференција на СДСМ, лидерот на партијата Зоран Заев изјави дека во Македонија нема услови за одржување на фер и демократски избори на 24 април, нешто што е директно потврдено и од меѓународната заедница.

Според Заев, не е прочистен избирачкиот список и не се спроведени потребните медиумски реформи. Заев тврди дека СДСМ не е тој што се плаши од избори туку владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

– На Македонија ѝ се неопходни избори час поскоро, избори без фантомски гласачи и со слободни медиуми, избори на кои ќе одлучат граѓаните. Партиите кои покренаа иницијатива за распуштање на парламентот и прогласување избори се тие кои сега треба да поднесат иницијатива за повлекување на таа одлука – рече Заев.

izbori

„ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е точно дека не постојат услови за фер и демократски избори. Точно е само дека не постои подготвеност на СДСМ да излезе на избори, затоа што е свесен дека ќе ги загуби бидејќи ја нема поддршката од народот. Точно е и дека поради тој страв СДСМ сака одолжување на кризата и СДСМ е подготвен на сè за да го направи тоа“, стои во денешното соопштение на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, претставниците на САД и на ЕУ не презентирале ниту еден сериозен аргумент со кредибилитет во прилог на тезата за неподготвеноста на Република Македонија за избори со што, како што велат, е јасно дека станува збор за проценка базирана на политичка одлука, а не факти.

„Во претходните денови, во интензивната комуникација со нив, на сите нивоа, како политичко, така и техничко, се уверивме дека нема валидни аргументи за одложување на изборите. Затоа вчера ја повикавме Државната изборна комисија, партиите и засегнатите меѓународни претставници на јавна дебата. Затоа претседателот на ДИК вчера се криеше и избегнуваше средба во текот на целиот ден. Ваквите состојби може да ја воведат земјата до нови проблеми и место кон излез од кризата да ја однесат кон нејзино продлабочување, спротивно од тоа што го очекуваат граѓаните и од политичките фактори во земјава и од меѓународната заедница“, стои во партиското соопштение.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top