Скопјани поитаа да ја видат изложбата на прославениот шпански сликар Пабло Пикасо која вечерва беше отворена во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ).
Во Галеријата на МКЦ е изложена збирка од четириесет и шест графички дела на Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, датирани од 1932 до 1969 година, сопственост на приватната галерија „Висконти” од Љубљана, Словенија. Центар на поставката се комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела.
Продуцент на изложбата е Михајло Несторовиќ, а делата се во сопственост на Жива Шкодлар – Вујиќ и Лазар Вујиќ од галеријата “Висконти” во Љубљана.
Меѓу многубројните гости вечерва беше и претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.
Изложбата за која влезот ќе биде слободен секој ден од 9 до 21 часот е организирана со поддршка на Министерството за култура, кое најави уште неколку изложби на познати светски автори, како Демијан Хрст (поставка која ќе се реализира во соработка со Британскиот совет), а во МКЦ ова година македонската јавност ќе може да ги види и поп-арт изложбата на Енди Ворхол, дела од Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.