| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ со предизвиците за повисока социјална правда

„Социјална правда – СЕГА“ е насловена панел-дискусијата што Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ ја организираат во петок, во клубот ГЕМ, во пресрет на Меѓунардниот ден на социјална правда, 20 февруари.

Социјалната правда во земјава е формално регулирана и загарантирана за сите граѓани еднакво, пред сè со Уставот и со законската рамка, но, за жал, во реалноста често се сретнуваме со социјална нееднаквост, која се манифестира на најразлични начини. Како до општество во кое социјалната правда ќе биде императив? Дали македонскиот работник си ги знае сите свои права? Ги штитат ли доволно синдикатите неговите права? На кој начин се вработуваат и отпуштаат македонските работници? Колку при донесувањето на одлуката за отпуштање има улога и социјалниот момент? Дали постои пракса на проценка на компетенциите на вработените, како и нивно доусовршување? Кои се факторите кои влијаат на високата стапка на невработеност на младите? Дали се тоа лошите услови на пазарот на трудот?, се само дел од прашањата кои ќе бидат третирани на панел-дискусиите.

Овие прашања ги разгледува и новиот број на списанието „Лице в лице“, што ќе биде промовиран во рамки на утрешниот настан.

Концептот на уличен печат е создаден со цел да придонесе во борбата за социјална правда, преку вклучувањето на најранливите групи во општеството во продажбата на весниците/списанијата со што економски и социјално ги зајакнува, велат од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“.

– И преку четивата, неговата заложба е демаргинализација на групи, поединци, идеи, вклучување, а против исклучување.  Групите со кои што работиме – продавачите на „Лице в лице“ се меѓу оние кои што најсилно ја чувствуваат социјалната неправда и промоција на нов број на списанието во очи денот на социјална правда и со фокус и насловница на оваа тема, дојде како логичен след на досегашните активности  на платформата за активизам – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“ и главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

За Фондацијата „Фридрих Еберт“, социјалната правда вклучува многу компоненти кои се важни за секое општество, а како најважен дел се начелата за еднаквост, правичност, почитувањето на човековите права и различноста меѓу народот, а социјалната неправда е опасност за демократијата насекаде.

– Фондацијата ги поддржува сите активности поврзани со унапредувањата на правата на граѓан(к)ите на Република Македонија од сферата на трудот и социјалната политика, а соработката со „Паблик“ и „Лице в лице“ е посебно важна поради начинот на комуникација со јавноста и актуелизирањето на (не)инклузијата на маргинализираните групи во системот- велат од „Фридрих Еберт“.

Зад концептот и дизајнот на насловната страница на новиот број на „Лице в лице“ стои „Холистик комуникации“.

„Лице в лице“ е улично списание кое што го продаваат припадници на маргинализирани групи, при што половина од продажната цена оди директно за продавачот, а втората половина се користи за развој на програми во кои што се вклучени овие лица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top