| четврток, 6 декември 2018 |

Промоција на книгата „Црно на бело“ од Лидија Димковска во МКЦ

Вечерва, 18 февруари во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи промоција на поетската книга „Црно на бело“ од Лидија Димковска во издание на „Или-или“. Промотори на книгата ќе бидат Елизабета Шелева, Оливера Ќорвезироска и Гоце Смилевски.
„Црно на бело“ е досега веројатно најзрелото книжевно остварување на Лидија Димковска; длабока и по својот дострел – универзална, а концепциски – заокружена и автентична книга достојна на 21 век, која извонредно му прилега и му парира со својот неслучајно апокалиптичен дух и темно обоен сензибилитет!“ вели промотерката Елизабета Шелева.
Summa summarum
Девет месеци му се потребни на зародокот
за да се развие во човечко битие.
И уште детство, младост и старост
за да остане.
А дали од него ќе излезе човек –
никоj не знае.
Цел живот може да му биде малку
за да стане личност.
А само миг му е потребен на телото
за да се претвори во леш.
Живееш за себе, а умираш за другите
за да не можат тие да живеат без тебе.
Злото и кога се проштава со добро,
се памети како зло.
А доброто никогаш не се памети по добро
претворено во зло.
Лицето можеш да го измиеш и стопати,
но образот никогаш.
Миејќи го лицето си ги водениш ракавите,
а триејќи го образот – свеста.
За лицето ти се потребни сапун и вода,
за образот – совест на крвта.
И сега
кој ќе ликува повеќе:
Оној Никој и Ништо што станал Нешто,
или Нештото во кое се претворил
тој Никој и Ништо?
„Во најновата стихозбирка на Димковска, со наслов „Црно на бело“, стануваме сведоци на еден поетски свет, кој нè соочува со реалноста, преку раздробувањето на баналноста на секојдневието и тргнувањето во потрага по смислата на постоењето. Димковска ја изнесува преку својата поезија суштината и кога преку стиховите говори за јас и за најличното, и кога говори за Другиот и за најуниверзалното“, вели писателот Гоце Смилевски.
„Ова не е најдобриот поетски глас на Лидија Димковска, ова е најдобриот поетски глас на современата македонска поезија. „Црно на бело“ е и аманет, и тестамент, и амајлија,.. а најмногу од сѐ е, сепак, и ѓердан и нож за вратот на виновниците и љубовниците“ смета Оливера Ќорвезироска која вечер ќе ја промовира поетската книга на Димковска.
lidija
Димковска е родена 1971 година во Скопје. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а во Букурешт завршила постдипломски студии по Романска книжевност. Живее и работи во Љубљана.
Досега ги објавила збирките поезија: „Рожби од Исток“ (со Борис Чавкоски) 1992; „Огнот на буквите“ 1994; „Изгризани нокти“ 1998; „Нобел против Нобел“ 2001; „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“ 2008; „pH неутрална за животот и смртта“ 2009 како и романите: „Скриена камера“ 2004; „Резервен живот“ 2012 (Награда за книжевност на Европската унија). Нејзините дела се публикувани на повеќе светски јазици.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top