| четврток, 6 декември 2018 |

Металург преку Кјелце бара виза за Келн

Во таборот на Металург се во тек последните подготовки за двомечот од четврт-финалето во Лигата на шампионите против Кјелце. Двата порази во претходните пресметки со полскиот клуб не влијаат врз самодовербата кај македонскиот првак, кои со нетрпение го очекуваат неделниот дуел во СЦ „Борис Трајковски“ од 17 часот.

– Двапати во рамноправни дуели сме поразени од Кјелце, но заслуживме подобар резултат и во Скопје и во Кјелце. Загубивме со кренати глави, не се посрамотивме, дури и би рекол дека заслуживме многу повеќе од тие натпревари со полскиот тим.  Моја порака е дека ова ќе бидат сосема поинакви средби, важат нови правила бидејќи влогот е огромен, а можност за поправен едноставно не постои – изјави Червар.
vardar-metalurg-18
Хрватскиот стручњак го посочи противникот како голем фаворит, на тој начин обидувајќи се да го префрли психолошкиот притисок врз Полјаците. Ова е историски двомеч за двете екипи бидејќи ниту Металург ниту Кјелце не играле на завршниот турнир досега. Келн ќе им биде домаќин на најдобрите четири екипи во Европа, а таму ќе биде една од овие две екипи, за првпат во клупската историја.
– Кјелце е апсолутен фаворит, сметам дека тоа не е никаква новост. Полјаците се една екипа што во своите редови има пет играчи што ги тренирав, најдобриот ракометар на Словенија, на Полска, одлични играчи од Србија и од Шведска. Шармот на спортот е што фаворитите не победуваат секогаш, па така ние сигурно нема да се откажеме. Тие се со мислите веќе во Келн, можеби имаат коректни изјави, но јасно е дека се сметаат себеси за патници на завршниот турнир. На нас е да одиграме најдобро што знаеме и да стигнеме до нов историски успех – додаде Червар.
Металург ќе инсистира на натпревар со што помал број голови, што, според Червар, би можело да му донесе успех на нашиот тим. И ракометарите се максимално подготвени за предизвикот пред нив, со надеж дека ќе успеат да слават во третиот дуел со Кјелце.
– Ние двапати сами се победивме со слаба игра во нападот на претходните две средби, но сега следува ова четврт-финале, ние да поставиме една наша цел – да играме на едно највисоко ниво оваа сезона, па по натпреварот сите да можеме да се погледнеме в очи и да кажеме дека тоа бил нашиот максимум, а ако противникот е подобар од тоа, да им честитаме спортски. Би било добро да ги победиме барем еднаш, без оглед на конечниот исход. Ова е наш последен меч во ЛШ во Скопје сезонава, Кјелце е единствениот тим што остана непоразен сезонава во нашиот главен град, се надевам дека тоа ќе се смени в недела – рече Ванчо Димовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top