Легендарниот снукер играч и еден од најдобрите во историјата на овој спорт, Рони О’Саливен, повторно е во центарот на вниманието во светската спортска јавност.
Тој во првото коло на турнирот Отвореното првенство на Велс, беше на чекор да направи максимален брејк од 147 поени, нешто за што многу снукер играчи можат само да сонуваат во своите кариери, но се одлучи тоа да не се случи бидејќи наградата за такво нешто е само 10.000 фунти.
Тој по натпреварот изјави дека намерно го направил тоа, бидејќи наградата за максимален брејк била мала.
– Знаев дека наградата е 10.000 фунти. Да беше повисока, сигурно дека ќе се обидев да направам брејк од 147 поени -изјави О’Саливен.
На овој, како и на сите снукер турнири, постои и посебна награда за максимален брејк, а таа изнесува 2.000 фунти. Наградата се зголемува на секој нареден турнир сѐ додека некој не го оствари тој подвиг. Последниот што направи такво нешто беше Нил Робертсон на Отвореното првенство на Велика Британија, а денеска наградата изнесува 10.000 фунти.
О’Саливен имаше 80 поени кога го праша судијата колкава е наградата за максимум, а потоа се разочара кога дозна.
– Можев да остварав максимум поени, но мислам дека 147 не вреди олку малку пари. Ќе се обидам кога ќе биде поголем износот. Некои нешта имаат своја вредност, а 147 е посебен момент – додаде О’Саливен.
О’Саливен, инаку, е рекордер по бројот на максимални брејкови. Досега има остварено 13 во кариерата на официјалните турнири, два повеќе од најтрофејниот и според многумина најдобриот играч на сите времиња, Стивен Хендри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.