Реномираниот, светски познат снукер професионалец и еден од петте најквалитетни снукер тренери во светот, Најџел Бонд гостува во Скопје.
Во текот на престојот, во Гран Клуб снукер школата, познатиот професионалец во вторник ќе одржи едукативни работилници и егзибициони натпревари со најдобрите македонски снукер играчи. В среда од 10 часот, тој ќе има индивидуални тренинзи во кои воедно ќе земат учество јуниорски снукер клубови и веќе етаблирани снукер професионалци од регионот, а в четврток со почеток во 18.30 часот, ќе се одржи натпревар меѓу Најџел Бонд и победникот на годинешниот домашен снукер турнир Gran Jack 2017.
Најџел Бонд, своевремено беше еден од топ 5 играчите во светот, освојувач на повеќе рангирачки турнири, финалист на Светското Првенство во снукер во 1995 година и Светски првак во снукер во категорија на сениори за 2012 година, како и освојувач на Првенството на Обединетото кралство (UK Championship). Последнава натпреварувачка сезона е двапати полуфиналист на два рангирачки турнира во Гибралтар и Индија. Во моментов Бонд е еден од најбараните професионални снукер тренери во светски рамки.
За големиот интерес за овој спорт најдобро говори бројот од над 330 милиони гледачи на Светскиот Шампионат одржан 2014 година. Сѐ повеќе расте популарноста на овој спорт на Балканот, а во околните земји се формирани национални снукер федерации, чии што членови активно учествуваат на турнири во Европа и светот.
Во снукерот во Македонија последниве години постигнат е напредок во омасовувањето и професионализацијата на снукерот и во Македонија. Во 2014 година основана е и првата билијард и снукер школа, чија цел е популаризација на овие спортови кај помладата популација и создавање играчи кои успешно ќе ја претставуваат Македонија на интернационалните турнири. И покрај тоа, снукерот во Македонија сѐ уште е недоволно признаен и етаблиран. Организирањето токму на овој тип настани е со цел снукерот да се афирмира како спорт во нашата држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.