| четврток, 6 декември 2018 |

Од вечерва делата на Хенри Мур во МСУ

Осумдесет графики (бакрописи и литографии) и шест бронзени скулптури-минијатури на големиот англиски уметник на 20 век Хенри Мур ќе бидат шест недели во Музејот на современа уметност во Скопје на изложба што ја организира Британскиот совет во Македонија.

Изложбата „Хенри Мур: графичарот“ ќе биде отворена вечер, а посетителите ќе може да ја видат до крајот на мај. Делата доаѓаат директно од Лондон, од централата на Британскиот совет, која поседува збирка од преку 200 уметнички трудови на познатиот графичар и вајар, кој му ги донирал на Советот во 1984 година по повод половина век од неговото постоење.

Изложбата прво ќе гостува во Скопје, а потоа ќе патува во околните земји – Црна Гора, Албанија, Србија.  Иницијативата произлегла во јуни минатата година кога Британскиот совет во Скопје, во соработка со Музејот на современата уметност (МСУ), беше организатор и на изложбата „Прагови“, на која беа претставени 80 дела од 34 британски автори по повод дијамантскиот јубилеј од владеењето на кралицата Елизабета Втора.

Мур, кој правел големи скулптури за отворени простори, во МСУ ќе биде претставен со дела во помали димензии што ќе се вклопат во затворен амбиент, од кои две минијатури се макети што ги направил за своите големи скулптури „Мајка со дете“ и скулптурата „Knife Edge“.

Почесен гостин на вечерашното отворање на изложбата ќе биде Дејвид Мичинсон,  куратор на изложбата на Мур и поранешен раководител на фондацијата „Хенри Мур“, кој долго соработувал со уметникот. Во МСУ тој утре ќе одржи предавање „Работејќи со Хенри Мур“. На отворањето ќе присуствува и директорот на Британскиот совет за Западен Балкан, Тони О’Брајан.

Музејот на современата уметност очекува голем интерес од јавноста и од тоа ќе зависи дали ќе го продолжи вообичаеното работно време по 17 часот, како што практикуваше за претставувањето на делата на Вазарели и на Дали.

Покрај изложбата, за која фондацијата „Хенри Мур“ подготви каталог, до 31 мај ќе има и придружна програма во МСУ – работилници за млади кои ќе творат инспирирани од делата на Мур, како и едночасовен филм „Уметноста на Хенри Мур“.

Делата на Мур се дел од богатата јавна збирка од 9.000 творби на британски уметници што ги има централата на Британскиот совет во Лондон. Таа се нарекува „Музеј без ѕидови“ зашто не е постојана поставка туку се претставува на патувачки изложби низ светот, во соработка со локалните канцеларии на Британскиот совет.

Хенри Спенсер Мур (1898-1986) е најпознат по монументалните апстрактни бронзени скулптури, кои се изложени на јавни места низ светот. Правел апстракни претстави на човечко тело, а најчести мотиви му се мајка со дете и фигури во легната положба. Иницирал нов облик на модернизмот во Обединетото Кралство и влијаел врз творештвото на многу англиски и светски скулптори. Имал многу нарачки на вајарски дела, меѓу кои се скулптурите пред седиштето на УНЕСКО во Париз и во близина на Вестминстерската палата во Лондон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top