| четврток, 6 декември 2018 |

Нови откритија околу нападите во Париз

parizПариското обвинителство соопшти дека открило траги од ДНК на непознат човек на два ремени со експлозиви на терористите кои учествувале во нападите во Париз од 13 ноември. Обвинителството сепак не појасни колку точно лица се сомничат дека се вмешани во нападите во кои загинаа 130 лица.

Еден од двата појаси беше пронајден десет дена по нападите од општински службеници, при чистење на улица во предградието на Париз Монруж. Појасот бил во еден од контејнерите за ѓубре. Тогаш истражителите го поврзаа овој појас со активностите на Салах Абдеслам, баран поради својата улога во нападите во Париз.

Според податоците од неговиот мобилен телефон, истражувачите утврдиле дека по нападите во Париз тој отишол токму во Монруж. Истрагата претпоставуваше дека од непознати причини Абдеслам се откажал од својот план да се саморазнесе.

Инспекторите истакнаа дека еден човек од лицата ги направил сите појаси со експлозиви.

Обвинителството на Париз појасни дека траги од ДНК беа пронајдени на појасот од Монруж, но тие не одговараат на ДНК-то на Абдеслам и се на засега непознато лице. Токму ДНК од истиот тој човек било пронајдено и на остатоците од другиот појас со експлозив пронајден на телото на Брахим Абдеслам – братот на Салах, кој се разнесе во кафуле на булеварот “Волтер” во Париз.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top