Нашиот народ двапати го празнува празникот Свети Атанасиј Велики. На 31/18 јануари се празнува празникот Свети Атанасиј или Танасовден – зимски, а на 15/2 мај Свети Атанасиј Велики или Танасовден – летен.
Свети Атанасиј наречен Велики бил роден во Александрија во 296 година. Извесен период живеел во пустина заедно со свети Антониј Велики, а по враќањето во Александрија станал архиѓакон во Александриската црква.
На овој ден именден празнуваат сите оние што се викаат Атанас (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…
Марко Цепенков забележал дека празникот Св. Атанасија во Прилеп бил празник што го служеле кантарџискиот и ковачкиот еснаф. Во Радовиш пак, празникот Св. Атанас се сметал за овчарски празник. Многу го почитувале куќите што имале овци и на тој ден не работеле за да не им ги изедат волци овците. И овде овој празник го сметале за „средзимо“, овчарите што знаеле да го прогнозираат времето гледале какво ќе биде тоа од празникот натаму. И овде е позната пословицата: „Атанас фрли кожи ја врз нас ја врз рас“, што значи дека од времето зависи дали луѓето ќе ја симнат зимската облека.
Сепак, се верувало дека по 31 јануари времето веќе се затоплува, или како што вели народот, оди налето и дека зимата и големите студови карактеристични за јануари поминале.
Во земјава постојат бројни цркви посветени на овој светец. Една од нив е онаа во Калишта, која е изградена во 14 век и е посветена на свети Атанасиј. Празникот посветен на овој светец го искористивме да ја посетиме оваа црква. Станува збор за пештерна црква до која се стигнува по скали од камен. Внатрешноста на црквата е многу мала, но полна со фрески од 14 век, а дел од нив се насликани и во 19 век. Сместена е во непосредна близина на манастирот Калишта, јужно од него, срасната со околните карпи, посветена на Александрискиот архиепископ – Анастасија.
Манастирскиот комплекс Калишта крај Охридското Езеро, го напуштаме со гласот на попот во заднина, бидејќи во главната црква се случуваше чин на крштавање. Посетата на пештерските цркви продолжува по само пет до десет минути одење по брегот на езерото. Во карпите меѓу хотелот „Изгрев“ и месноста Елен Камен се наоѓа црквата „Св. Атанасие“, посветена на александрискиот епископ Атанасиј. Лесно е достапна, но, сепак, мора со внимание да ги искачите стрмните скали, а на симнување е препорачливо да се држите за оградата. Иако нема пишани извори, според фрескоживописот, датира некаде од 14 век. За жал, тука посетителот добива спротивна слика од онаа во Калишта, бидејќи тука црквата е оставена на забот на времето. Фреските се во лоша состојба, дел се исчкртани и ископани, а од иконостасот е останат само дел. Вратата е разбиена, па може секој да влезе без никаков проблем. Од платото пред вратата покрај карпите има убав поглед на Струга и на целото езеро.
Во внатрешноста е сочуван најголемиот ансамбл на средновековното сликарство. Иако не се зачувани пишувани извори, стилските белези на овие фрески недвосмислено упатуваат на нивното датирање во седумдесеттите години од 14 век.
Сликарството во целост, зачуваните ликови на светителите и неколкуте композиции од Големите Празници, со помош на ликовните карактеристики на овој живопис, ни откриваат рака на вешт зограф, кој одлично го познавал својот занает, а со голема љубов ги сликал познатите ликови што го илустрираат Светото Евангелие.
Поголемиот дел од животописот во 19 век во поголема мера е ретуширан. За време на конзерваторските работи во 1964 година конзервирани се првобитните фрески, отстранет е ретушот од 19 век, а зачуван е животописот од 19 век само на оние места каде што е уништен првобитниот. Во горната зона се насликани сцени од големите празници: Рожденство Христово, Сретението, неговото Распетие, Мироносниците на празниот Христов гроб, Благовестите и композицијата Дејзис, каде што од двете страни на Христос во молитвен став му се поклонуваат св. Богородица и свети Јован Крстител за спас на грешните души.
Од светителските ликови тука се свети Климент Охридски, свети Никола Чудотворец и допојасните фигури на светителските маченици: света Петка, света Марина, света Недела и света Варвара, кои се насликани во правоаголни рамки на јужниот ѕид кои имитираат икони, а своето потекло ваквите претстави го влечат уште од 11 век од катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Ако спојот на пештера и црква во овие два храма ви го предизвика вниманието и сакате потемелно да се запознаете со овој дел од црковната историја во Македонија, може да продолжите во селото Радожда на самата граница со Албанија, каде што високо во карпите е изградена црквата „Св. Архангел Михаил“, веројатно во 13 век. Црквата е сместена во двете природни пештери што се наоѓаат една над друга.
Уште едно пештерско-црковно искуство можете да доживеете во селото Вишни, кое се наоѓа на десет километри од Струга. Но, за ова доживување во црквата посветена на св. Спас (14 век) ќе ви треба малку повеќе издржливост и пешачење, бидејќи е сместена високо во планината Јабланица, на околу три километри од селото.
Пештерните цркви кои се јавуваат во 9 век или порано, а чии живописи се главно датирани во 13 и 14 век, се тесно поврзани со христијанското учење – исихазм. Тоа дава печат и на целокупниот некогашен живот во Македонија. Тука, во разни пештери, се појавиле многу пустиници кои се занимавале со мистика, чудотворство и со пророкување. Црквички-пештери во кои живееле и дејствувале исихастите никнувале особено околу Охридското Езеро, Тиквешко Езеро, реката Бабуна и околу кумановско-кратовскиот крај. Меѓу нив познати се: новооткриената пештерна црква „Св. Никола“ кај кампот Љубаништа, стотина метри северно од селото Трпејца, на една карпа се наоѓа фреска со ликот на св. Никола; во туристичкиот камп Градиште во карпа се наоѓаат остатоци од монашко живеалиште; стотина метри северно од него се наоѓа пештерната црква „Богородица Пештанска“; над синдикалното одморалиште „Орце Николов“ се наоѓа пештерната црква „Св. Стефан“; само стотина метри западно од оваа црква во една карпа се гледаат остатоци од живопис; пештерната црква посветена на Воведение Богородично, во карпите под црквата „Св. Јован Богослов – Канео“ во Охрид, на плажата Лабино во една мала пештера каде што извира извор, се наоѓаат остатоци од живопис; северно од неа, на околу двесте метри, во една длабнатина, луѓето одвреме-навреме палат свеќи и според искажувањето на постарите рибари од Канео, кога ќе оделе на риболов велеле дека одат да ги фрлат мрежите кај св. Спас; на почетокот на плажата Грашница има поголема пештера, до неодамна со остатоци од живопис; западно од Охрид, на околу два километра се наоѓа пештерната црква „Св. Еразмо“; само стотина метри на запад од неа се наоѓа едно монашко живеалиште во внатрешноста со исцртан крст; пештерната црква „Успение на Богородица“ во Калишта; на стотина метри јужно од неа се наоѓа пештерната црква „Св. Атанасие“; потоа „Св. Архангел Михаил“ кај селото Радожда и други.
Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 178. број на неделникот „Република“, 29.01.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.