| четврток, 6 декември 2018 |

МАН е за изборен кодекс, не ги прифаќа предлозите на Ванхауте и СДСМ

DSC_8909

Имаме солиден Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Доколку се одлучи да се оди на решение за промена на законот за медиуми, треба да биде некое европско решение, а не да се нудат хибридни решенија. Потребен е и еден изборен кодекс за сите учесници на изборите, е ставот на Македонска асоцијација за медиуми изнесен по средбата со премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев и со претставници на Владата кои се вклучени во делот на медиумските реформи.

– Политичките партии бидејќи имаат консултации во делот на она што подразбира медиумска реформа, ние сметаме дека треба доколку веќе се одлучи да се оди на решение за промена на законот, дека треба да биде некое европско решение, а не да се нудат хибридни решенија. Ставот на МАН е дека имаме солиден Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои пред две три години добија зелено светло од ЕУ, рече Слаѓана Димишкова претставник на МАН.

DSC_8890

На средбата која ја оцени како конструктивна, таа рече дека станало збор и за потребата во овој период пред спроведување на изборите закажани на 24 април да се оди со еден изборен кодекс, односно кодекс за однесување за време на изборите на сите учесници, не само за медиумите, туку сите кои ќе учествуваат во изборите.

Запрашана како ги коментира предлозите на Ванхауте, Димишкова посочи дека предлозите на Ванхауте и на СДСМ се идентични и за МАН се неприфатливи.

DSC_8885

– Нашиот став е јасен, предлозите на Ванхауте и на СДСМ се идентични за нас. Тоа што имаат мали финеси во формулациите не значи ништо и нашиот став е јасен дека предлогот на Ванхауте не го поддржуваме затоа што со неговиот предлог се одобрува политиката на СДСМ односно се бара измена на закони со цел интереси само на една политичка партија што сметаме дека е недозволиво, вели Димишкова..

DSC_8877
Во однос на спорното владино рекламирање, таа рече дека тоа не било тема на разговор, бидејќи е ставено вон сила уште пред неколку месеци.

Во Владата денеска премиерот за спроведување на изборите Димитриев ќе има средби и со ЗНМ и ММИ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top