| четврток, 6 декември 2018 |

Манчини се жали на судењето, Мурињо мирно ја следи ситуацијата

roberto mancini

Откако добро ја почнаа сезоната и беа лидери на табелата во Серија А долго време, играчите на Интер западнаа во криза. Ако сите заслуги за добрите игри, кои, рака на срце, не беа доволно ефикасни, но, сепак, носеа бодови, отидоа на страната на тренерот Манчини, очигледно дека нешто не е во ред во екипата што е поранешен европски и италијански шампион.
„Нероаѕурите“ сѐ повеќе заостануваат зад двата најголеми конкуренти за титулата, Наполи и Јувентус, а доведено е во прашање и третото место, кое води во Лигата на шампионите следната сезона.
Ако досега одбраната беше таа што ги добиваше натпреварите, во последните два меча, со Јувентус во Купот на Италија, и Милан во синоќешното дерби „Дела мадонина“ се покажа дека не е во свој елемент примајќи дури шест гола.

– Честитки до Милан за победата, но сметам дека 3-0 не е реален резултат. Сѐ се одвиваше лошо, не бевме способни да дадеме гол, но затоа ги примавме со леснотија. Црвениот картон? Не му реков на судијата ништо навредливо, но такви се арбитрите, умислени. Денеска судијата Дамато и неговите помошници беа катастрофални, убедливо најлоши поединци на теренот. Донарума и Алекс требаше да добијат црвени картони, очигледно е дека Дамато не ги знае правилата – гласно критикуваше Манчини.

Нервозата кај него е се поочигледна, сигурно и бидејќи Манчини е свесен дека и Жозе Мурињо е без ангажман, а неговото име се почесто се споменува и при шпекулациите за камбек на „Џузепе Меаца“.

„Специјалниот“ е без ангажман по заминувањето од Челси, а италијанските медиуми тврдат дека Интер е една од посериозните опции за него во моментов. Фактот дека Баерн и Манчестер сити најдоа нови стратези, а ПСЖ, Реал и Манчестер јунајтед не се толку „загреани“ колку што посакуваше Португалецот, само им оди в прилог на „нероаѕурите“, кои подготвуваат план за да го вратат Мурињо на својата клупа. Неофицијално, на Манчини ќе му бидат дадени уште неколку шанси, не само да ја прекине црвената серија, туку и тимот под негово водство да игра допадлив фудбал, а доколку тоа не се случи тогаш газдата Тохир ќе тргне во целосна офанзива по Мурињо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top