По четврти пат, Скопје и градовите во Македонија каде што се продава уличното списание „Лице в лице“, од 1 до 7 февруари ќе им се придружат на градови од 35 земји во светот, кои ќе ја одбележуваат работата на продавачите на уличен печат.
Станува збор за годишен настан што се одржува во првата недела во февруари, а целта е да се слави работата на продавачите на 114 улични списанија и весници и да се поттикне јавноста да размислува за предизвиците и за проблемите со кои тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија.
Активностите од Недела на продавачи на уличен печат се одвиваат во градовите во кои излегуваат улични изданија кои се членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов.
Во текот на неделава сите пријатели на платформата за активизам и на истоименото улично списание ќе имаат можност да се дружат со продавачите на „Лице в лице“ и да им дадат поддршка со тоа што ќе си го набават актуелниот број.
Но, и не само тоа. Продавачите на своите поддржувачи ќе им понудат и лепеза на разгледници од нашата земја, кои ќе можат да ги испратат до своите пријатели ширум светот и да ги запознаат и со убавата страна на Македонија.
Фотографиите се дело на Томислав Георгиев, Роберт Атанасовски, Михајло Димоски и Георги Равански, а повеќето мотиви во фокус ги имаат природните убавини на земјава.
Исто така, во текот на Меѓународната недела на улични продавачи, на интернет страницата на „Лице в лице“ и на социјалните мрежи ќе бидат споделувани приказни за најуспешните продавачи на списанието, како и нивни фотографии со поттикнувачки/мотивирачки слогани.
Освен со поддршка на продавачите, кои ќе бидат на повеќе нивни омилени локации (во Дебар Маало, на плоштадот Македонија, на влезот на ГТЦ), каде ќе ги понудат списанијата и разгледниците, јавноста може да се вклучи во одбележувањето на овој глобален настан и преку он лајн кампањата постирајќи содржини или фотографии на оваа тема користејќи хаштаг: #VendorWeek и #ЛицеВлице.
Неделата на продавачи на уличен печат ќе ја прослават близу 11 000 продавачи, и тоа преку најразлични иницијативи и активности во кои се вклучуваат и многу јавни личности од најразлични области: политичари, актери, музичари, новинари…
Во целиот свет, илјадници бездомници, невработени и ранливи луѓе ја преземат контролата врз своите животи преку продажбата на улични весници и списанија, со тоа што си овозможуваат легитимен приход. Во 35 земји, мрежата на ИНСП, нуди поддршка и надеж за луѓето кои се соочени со бездомништво, сиромаштија и социјална исклученост.
„Лице в лице“ е улично списание кое што го продаваат припадници на маргинализирани групи, при што половина од продажната цена оди директно за продавачот, а втората половина се користи за развој на програми во кои што се вклучени овие лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ученици собирале пари за списанија, директорот си ги пикнал парите в џеб
-
„Лице в лице“ и писатели во заедничка акција за поинклузивно општество
-
„Лице в лице“ ја одбележува Меѓународната недела на продавачи на уличен печат
-
Новиот број на „Лице в лице“ промовиран на првата конференција „Социјални иновации“