| четврток, 6 декември 2018 |

„Лице в лице“ и писатели во заедничка акција за поинклузивно општество

Реалноста низ призма на уметноста. Ова е темата со која уличното списание „Лице в лице“ го одбележува својот мал јубилеј, 25 изданија, кое од денес е достапно за сите читатели на содржини чија цел е креирање подобро општество.

Во ваквиот поход, овој пат, на „Лице в лице“ му си придружија и 14 македонски писатели, кои наменски создадоа дела во чијшто фокус  е односот кон болката на другиот. Сите тие се обединети во збирката раскази „Тивка анестезија; за болката на другите“, издание на  „Антолог“, а идејата за нејзиното раѓање е на адреса на приредувачот и писател, Владимир Јанковски.
Тој вели дека произлегла од сè поголемото ангажирање на голем број уметници на општествено важни теми.
– Во литературата во зависност од динамиката на книжевните-естетските преокупации, но и од општествените околности во кои одредена книжевност се создава, писателите на различен начин се поставувале кон стварноста што ги опкружува – од целосен презир кон политичкиот и општествениот ангажман до потребата преку литературата да се менува и обликува светот. Во „Тивка анестезија“ писатели од поновата генерација пишуваат за некои од горливите прашања на современото општество. Оваа иницијатива ја поврзавме со „Лице в лице“, затоа што она што го прави оваа платформа целосно се поклопува со она што се наоѓа во самата суштина на иницијативата – вели Јанковски.

Низ 14 приказни, младите македонски писатели даваат одговор на прашањето: Дали сме анестезирани од чувството на емпатија?, а публиката на „Лице в лице“ ќе има можност, преку купон во списанието, да ја дополни својата библиотека со оваа книга, по цена од 150 денари, и да ја спречи опасноста да биде анестезирана од чувството на емпатија кон другите.
Половина од продажната цена ќе биде наменета за поддршка на програмите за  продавачите на „Лице в лице“.

Колку македонската современа уметност третира актуелни теми и дилеми? Колку ја рефлектира реалноста? Создаваат ли нашите уметници политички мотивирана уметност, која ја преиспитува стварноста, ги следи ли чувствителните теми за македонското општество? И, колку, всушност, е важно да имаме уметност, која во фокус ги има актуелните општествени текови и предизвици?
Ова се само дел од прашањата што ги отвора јубилејното, 25 издание на уличното списание „Лице в лице“.

– Уметноста во времињата на криза има своја општествена одговорност. Таа има моќ да го гради поединецот. А за да се случи тоа, уметниците мора моќта што ја носат да ја поврзат со моментот во кој живеат. Но, и да го насетат и навестат новиот потенцијал што сака да се роди. Бидејќи ако ја одвоиме уметноста од нејзината морална, дидактичка, општествена функција, што останува од неа?“ – прашува Климентина Илијевски, главна и одговорна уредничка на „Лице в лице“.

На кавер страницата на ова издание, во рубриката „И јас читам „Лице в лице“, е наградуваната писателка Лидија Димковска..
Насловната страница, пак, како и целиот дизајн на списанието, е дело на Зоран Инадески.

Инаку, и овој број на „Лице в лице“ донесува портрет на продавачки, овој пат од „Порака Неготино“ од Неготино, теми поврзани со социјалното претприемаштво, образованието, инклузијата, животната средина, родовите прашања, и многу други.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top