Со поддршка на дел од писателите од „Или или“, силни гласови на современата македонска литература, Ирена Јорданова, Фросина Пармаковска и Петар Андоновски, продавачите на „Лице в лице“ на Градскиот плоштад „Македонија“ се вклучија во одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, што се прославува на глобално ниво во периодот од 6 до 12 февруари.
Македонија, преку „Лице в лице“, (чиј издавач е Асоцијацијата „Паблик“), како членка на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), чие седиште е во Глазгов, годинава по петти пат се приклучува кон одбележувањето на оваа значајна Недела. Во друштво на уште други 35 земји ширум светот, каде што се продаваат 110 улични улични весници и списанија, оваа Недела ја слави работата и ги прави повидливи продавачите на уличен печат, луѓе кои се борат со бездомништво, невработеност, сиромаштија и социјална исклученост.
– Се уверивме и лично, дека не е ниту лесно, ниту едноставно да се продава улично списание. Продавачите имаат навистина тешка задача во обезбедувањето на својот приход, и заслужуваат признанија за она што го работат – велат писателите-поддржувачи, кои во чекор ги следеа нашите продавачи Анабела, Пепи, Ерџан и Хари, во процесот на продажба на актуелното издание на списанието.
Во знак на поддршка, вратите за продавачите ги отворија и неколку општествено-одговорни компании, ( „Тутунска банка“, „Фармахем“ и „Елена Лука“), како дел од акцијата „Лице в лице на гости“.
ИНСП брои дека, во секој момент има 10.000 продавачи на уличен печат во светот, а минатата година, повеќе од 27.000 луѓе заработиле продавајќи улични весници и списанија. Во овие бројки, „Лице в лице“ придонесува со 40 продавач(к)и во 6 градови градови во Македонија, од кои еден е вработен со полно работно време. Сите тие, продавајќи го списанието, не само што обезбедуваат приходи за себе и своите блиски, туку и се активно вклучени во општестевеното живеење.
Насловница на „Лице в лице“ на изложба во Глазгов
Во светски рамки, пак, по овој повод на 9 февруари, во галеријата „Лајтхаус, во Глазгов, ќе биде отворена изложбата „Незгрижени: сè уште бездомни, сè уште проблем“.
На поставката ќе бидат претставени насловни страници на улични списанија – членки на мрежата, а меѓу нив и насловницата на 19. број на „Лице в лице“, посветено на социјална правда. Освен насловници, на настанот ќе бидат споделени и приказни на продавачи на уличен печат, а целото случување ќе има и интерактивен карактер. Изложбата ќе трае до 9-ти април.
Меѓународната недела на продавачи на уличен печат се одбележува на сите страни на светот, и тоа најчесто преку вклучување на јавни личности, бизнис и политички лидери, познати филмски, музички и спортски ѕвезди, сите поддржувачи на мисијата на уличните списанија и весници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.