Голманот на Вардар и шпанската репрезентација Арпад Штербик посакува неговата репрезентација да го освои првиот златен медал од европските шампионати.
Шпанија беше поуспешна од Хрватска во полуфиналето и на мегдан ќе и излезе репрезентацијата на Германија која по продолженија славеше над Норвешка и се пласираше во финалето.
Иако пред овој голем меч „панцерите“ имаат проблеми со повредени играчи, Штребик предупредува дека тоа нема да биде нималку лесен натпревар.
– Златниот медал не се освојува секој ден. На пример, Шпанија нема златен медал на ЕП и ова би било идеална прилика да го направиме тоа. Вчера Маноло Каденас (селекторот на Шпанија) ми рече, „со моите 60 години кога ќе имам можност да освојам злато на ЕП, ако не сега?”. А јас му реков, „и јас исто така, та немам 20 години, оваа шанса за злато е последна! За некои од нас ова може да биде последна шанса и мора да се искористи – изјави Штербик кој има 36 години.
Тој направи и анализа на противникот за кого има само пофалби.
– Веќе кажав во текот на ова првенство, Германија е одлична репрезентација која во иднина ќе освои многу медали. Не очекував тие да дојдат на ова ЕП толку далеку. Од меч во меч играат подобро, па така, финалето очекувам да биде навистина интерсен натпревар. И тежок за Шпанија – заклучи голманот на Вардар.
Натпреварот за златниот медал започнува во 17.30 часот, а претходно, Хрватска и Норвешка од 15 часот ќе се борат за бронзата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



