Како единка, како граѓанин, како Македонка, сакам да живеам и да имам сопствена држава. Држава на народот на кој му припаѓам. Македонска држава. Не само што тоа ни го оставија предците во аманет, државата да ја создаваме и да ја градиме, туку и како наша насушна современа потреба. Дека таа значи надеж и можност да градиме и да создаваме услови за нормален живот.
Оттаму е сосема јасно дека не ми е сеедно во каква состојба запаѓа мојата држава. Како што е и со секој Македонец.
Случувањата, кои во крајност го окупираа вниманието на нашата јавност и го парализираа нашиот политички и јавен живот, но ги нарушија и многуте параметри на нашиот секојдневен живот, беа именувани како пуч. Затоа што тоа што се случуваше, како обид, во наши услови, се разликуваше. Иако, навистина, се одвиваа дејствија, настани, со нерегуларни средства да се дојде на власт, речиси две години наназад, што им е на сите познато. Ваквиот обид да се преземе власта од опозицијата иако беше со параполитички методи, да се означува со пуч, апсолутно е несоодветно.
Имено, пуч, теоретски дефинирано, е преземање на командната власт од група што е дел од партијата на власт. Пуч може да изврши и воена гарнитура, која, исто така, може да изврши преземање на власта по насилен пат и со нелегални политички средства, но како дејство на поединци или група луѓе, кои ѝ припаѓаат на владејачката партија. Преземањето на власта од пучисти многу често се случуваа и се случуваат во африканските држави.
Затоа последните политички случувања не беа пуч туку обид да се променат вкупните конституенти на политичкиот систем со поддршка и во промената на економските процеси, и промени што ги доведуваат под прашање вредносниот систем и идејната ориентација. Ваквите настојувања значеа целосна промена на општеството. Нов облик на владеење. Да се воведе целовита нова парадигма, која, сепак, остана недефинирана и неизвесна. Нешто што како обид многу личеше на враќањето на старото. Како ревандикација. Смена на животворното со назадното. Место сочувување на новосоздаденото и негово надоградување. Инаку во историјата присутна појава. Во теоријата наречена контрареволуција што зборува за преземање на власта преку узурпирана моќ на политичка гарнитура (може и партија), која е експонент на определени конзервативни социјални структури. Во случајов бирократските социјални структури, поради што се проблематизира нивното пледоаје за демократизација и отворање на нови процеси.
Што е тоа што мене и на луѓето, денес, во Македонија, ни е од пресудна важност за да го живеат својот живот нормално, во стабилизирана општествена заедница. И за што се заложуваме и, би била нашата определба за изборите очекувајќи од политичката понуда и гаранција дека нашите цели ќе бидат обезбедени. Што се очекувањата?
Нашите визија и усилби се таа да биде модерна држава што ќе функционира како демократски систем, базиран врз правниот систем и во кој ќе се шират граѓанските иницијативи, мислења, предлози и активности, и во која ќе функционира успешна економија. Тоа е потребно да се елаборира во платформа на политичките субјекти врз која би се обединиле, како да се обезбеди политичката кохезија, и да се води економијата, како и да се обезбедат интеграциите во светските и регионалните сојузи, да се решат билатералните спорови, особено со грчкото оспорување на нашето име, пред сѐ, врз вредносните и принципиелните аспекти промовирани во ЕУ и во НАТО.
Поради припадноста на народот и затоа што живеам во мојата држава, како единка, чувствувам дека и самата сум обврзана, имам долг и одговорност, со остварено образование, искуство и интелектуален капацитет, да припомогнам да се остварат целите на посакуваниот пат.
Како што очекуваме и многу дејствување и ослободување на акцијата и економска, политичка, односно граѓанска мисла, на секој поединец, во сите животни сфери, во домот, населбата, регионот, целата заедница. Затоа што, кога се слуша гласот на поединецот, се збогатува општиот напредок. И бидејќи ослободителниот процес и во другите сфери на животот го помагаат и економскиот напредок.
Воопшто не е формално барањето државата да функционира според правото и да биде заведен институционалниот ред. Тоа значи дека бараме враќање на деструираниот, со последните случувања, правен поредок, во неговиот уставен ред. Со еднакво значење е и нашиот упорен ангажман, институциите да си ги вратат и остваруваат ингеренциите за да се потврди дека владеењето на правото се остварува. Истовремено, не помалку значајно е барањето да бидеме држава во која се одвива политички натпревар за клучните развојни параметри на општеството како вистински постигната демократска стварност. Таквиот натпревар претпоставува студиозен пристап и анализа за состојбите и правците на развој и не само врз основа на пермутацијата на мислата, во смисла не тоа, туку ова. Туку најмногу како: ЗОШТО не тоа и ЗОШТО ова.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.