По тридневна расправа, во која доминираа расправиите и меѓусебните обвинувања меѓу пратениците од двете партии на владината коалиција, црногорскиот Парламент доцна синоќа ѝ изгласа доверба на Владата на премиерот Мило Ѓукановиќ.
Како што јави „Фена“, за доверба на Владата се изјаснија 42 пратеници, а 20 беа против. За добивање доверба на владиниот кабинет му беа потребни најмалку 41 глас.
За владината доверба се изјаснија пратениците на владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) на Ѓукановиќ, на опозициската Позитивна Црна Гора и на партиите на националните малцинства.
Против пак гласаа пратениците на блокот опозициски партии, но и на помалиот партнер во владината коалиција – Социјалдемократската партија (СДП) на претседателот на Парламентот, Ранко Кривокапиќ.
Во завршното обраќање пред изјаснувањето на пратениците, Ѓукановиќ соопшти дека го прифаќа планот за надминување на политичката криза во земјата, предложен од партијата Позитивна Црна Гора и ја повика опозицијата да се вклучи во работата на Владата.
Аналитичарите во Подгорица оценуваат дека синоќешното гласање во црногорскиот Парламент претставува дефинитивен крај на коалицијата меѓу ДПС и СДП, која датира уште од 1998 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.