Германија продолжи со импресивните настапи на овој европски шампионат, откако со големата победа над Данска успеа да го обезбеди пласманот во полуфиналето од ЕП 2016. Предвреме отпишани поради бројните повреди пред шампионатот, Германците одговорија со цврста игра и низа победи. Главоболките се зголемија откако во пресрет на овој меч се повредија и двата клучни бекови, Вајнхолд и Дигингер, но дури и без нивна помош Германија вечерва славеше над Данска со 25-23, нанесувајќи им го првиот пораз на скандинавците, кои сега се наоѓаат на работ на елиминација.
Во неизвесното прво полувреме Германија одигра нешто подобро во финишот, стигнувајќи до предност од два гола, за на одмор да замине само со еден гол позитива (12-13). Данска набрзина го сврте резултатот во своја полза и поведе со 16-14, а на осум минути до крајот со голот на Хансен поведе и со 23-21. Сепак, од тој момент па се до крајот данските ракометари не успеаја ниту еднаш да го совладаат голманот Волф, кој и донесе уште една огромна победа на својата селекција, со која Германците го обезбедија својот пласман во полуфиналето.
Што се однесува до Данска, оваа селекција сега за полуфинале ќе мора да се „крсти“ во Русија, бидејќи само доколку Дибиров и другарите слават во последниот меч со Шпанија, Данците ќе се најдат меѓу најдобрите четири селекции на ова натпреварување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.