| четврток, 6 декември 2018 |

Владата усвои повеќе мерки за работата на Државната изборна комисија

Со цел обезбедување на соодветни просторни услови на ДИК, Владата го задолжи Генералниот секретаријат, да обезбеди три простории за потребите на Државната изборна комисија, на првиот кат во административната зграда (објект на поранешно НИП Нова Македонија), а истовремено се задолжи и Службата за општи и заеднички работи, да изврши целосно техничко и безбедносно опремување на просториите на Државната изборна комисија со цел обезбедување на висок степен на безбедносна заштита во овие простории во кои ќе се чуваат сите материјали поврзани со претстојните избори на пратеници во Собранието на Република Македонија

Владата, во функција на подготовка на изборите на 24. април, на вчерашната седница усвои повеќе оперативни заклучоци кои произлегоа од првата работна координативна средба со членовите на ДИК, кои се во насока на организација на фер, кредибилни и демократски избори.

Владата се обврза секоја седница на Владата, како прва пред точка на дневниот ред, да се разгледуваат отворените прашања поврзани со тековното работење на Државната изборна комисија во функција на задоволување на нејзините потреби и барања, како и разгледување на конкретни активности што Владата и другите државни органи треба да ги реализираат во функција на непречено одвивање на претстојните избори на пратеници во Собранието на Република Македонија, со оперативни предлог – заклучоци.

Со цел обезбедување на соодветни просторни услови на ДИК, Владата го задолжи Генералниот секретаријат, да обезбеди три простории за потребите на Државната изборна комисија, на првиот кат во административната зграда (објект на поранешно НИП Нова Македонија), а истовремено се задолжи и Службата за општи и заеднички работи, да изврши целосно техничко и безбедносно опремување на просториите на Државната изборна комисија со цел обезбедување на висок степен на безбедносна заштита во овие простории во кои ќе се чуваат сите материјали поврзани со претстојните избори на пратеници во Собранието на Република Македонија.

Со цел обезбедување на поголема функционалност и динамизирање на процесот за утврдување на избирачкиот список Владата ги задолжи Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Управата за водење на матична евиденција, Агенцијата за катастар на недвижности, Централниот регистар на Република Македонија, Управата за јавни приходи, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, а и препорача на Народната банка на Република Македонија, да склучат односно потпишат договори и меморандуми за соработка со Државната изборна комисија, во насока на пренос и мигрирање на податоците од регистрите, базите на податоци со кои располагаат овие институции, во функција на ажурирање на Избирачкиот список.

Владата донесе одлука за отстапување и времено користење на вкупно 50 автомобили кои ќе бидат на располагање на Државната изборна комисија согласно нејзините потреби.

Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи, да ги покрие финансиските трошоци на Државната изборна комисија кои се поврзани со печатењето и копирањето на документацијата за потребите на Државната изборна комисија. Владата изразува подготвеност за намирување на трошоците за спроведување на теренските активности на ДИК.

Владата и препорача на Државната изборна комисија да достави писмен допис до Дирекцијата за заштита на лични податоци, во кое ќе побара појаснување во однос на тоа кои податоци на граѓаните можат да бидат јавно достапни и објавени при законската обврска на Државната изборна комисија за јавно објавување на Избирачкиот список, согласно одредбите од Изборниот законик, а Дирекцијата за заштита на лични податоци веднаш да одговори на дописот од Државната изборна комисија.

Истовремено Владата и препорача на Државната изборна комисија да склучи меморандум за разбирање и соработка со Државниот завод за статистика, во кој ќе бидат уредени и опфатени сите прашања помеѓу овие две институции, за време на траењето на овој период.

Владата и препорача на Државната изборна комисија, во најкраток можен рок, до Државниот завод за статистика да ја достави на увид и мислење Методологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список, а го задолжи Државниот завод за статистика, во најкраток можен рок да достави мислење и одговор по истата до Државната изборна комисија. Владата го задолжи Државниот завод за статистика, во најкус можен рок, да достави список на лица – анкетари и контролори до Државната изборна комисија.

Владата и препорача на Државната изборна комисија, во соработка со Државниот завод за статистика, согласно утврдената Методологија за водење и ажурирање на Избирачкиот список, да извршат обуки на лицата – анкетари и контролори, со цел успешно имплементирање на Методологијата.

Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со Државната изборна комисија, во најкус можен рок, да идентификуваат групи на административни службеници кои ќе бидат избрани за членови во општинските изборни комисии и избирачки одбори, стои во соопштението на Владата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top