| четврток, 6 декември 2018 |

АМСМ: Поради снегот да не се патува без потреба во западна Македонија

Автомото сојузот на Македонија препорачува поради обилните снежни врнежи без посебна потреба да не се патува во западниот дел од државата. Укажува на задолжително носење зимска опрема, исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови.

sneg straza april

Според АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од снег кој останува на коловозот по  интервенција на дежурните екипи од „Македонија пат“.

Забрана за тешки товарни возила е воведена на патните правци крак Маврово – Дебар, крак Стража – Кичево и Тетово – Попова Шапка, а за автобуси на патот  Тетово – Попова Шапка, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Превентивно забрана за камиони е воведена и на планинскиот превој Пресека, а за останатите возила е задолжителна зимската опрема.

Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.

На граничниот премин Деве Баир има чекање за излез од околу 30 минути. На останатите граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до утре наутро насекаде ќе се формира снежна покривка, освен во крајниот југоисточен дел. На планините во западните делови се очекува повеќе од 50 сантиметри нов снег, а на повеќето пониски места снежната покривка ќе изнесува од 10 до 20 сантиметри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top